Министерството за култура и туризам треба да подготви две проценки со финансиски извештаи за тоа колку би чинела целосна реконструкција на Драмскиот театар во Скопје, а колку изградба на нов објект. Владата на седницата на 20 јули донесе одлука дека „Владата го задолжува Министерството за култура и туризам, согласно предвиденото во Програмата за работа на Владата 2024-2028 година, во Годишната програма за инвестиции во културата да планира ревидирање на реализација на проект за изградба на нов објект на местото на постоечкиот објект на НУ Драмски театар во Скопје.”
САКАМДАКАЖАМ.МК праша во Министерството за култура на што се однесува оваа одлука и дали при изградбата на нов објект ќе се земе во предвид проектот награден во 2009 кој победи на конкурсот.
Од кабинетот на министерот Зоран Љутков ни рекоа дека по настанатите штети од невремето во јуни годинава врз објектот на Драмски театар-Скопје, Министерството веднаш пристапило кон изнаоѓање решенија за обезбедување услови за непречено функционирање на установата и подготвиле информација за состојбите на објектот, со понудени предлог-решенија за надминување на актуелната состојба.
„Владата го задолжи Министерството за култура и туризам да подготви и до Владата да достави процена на фискалните импликации за двете предложени мерки. Првата предлог-мерка како алтернативата број 1, за процека на фискални импликации за реализација на Проект за комплетна реконструкција на објектот на Драмски театар-Скопје. И втората предлог мерка како алтернатива бр.2, за проценка на фискалните импликации за изградба на нов објект на местотот на постоечкиот на Драмски театар – Скопје. Втората предлог мерка подразбира спроведување на измени и дополнувања на проектната документација, која веќе од 2016 година ја поседува Министерството за изградба на нов објект на местото на постоечкиот објект на Драмски театар, во обем само за потребите на театарот. Измените ќе се однесуваат на усогласување на ставките и позициите со новите технологии како и корекции и аусогласувања со потребите на корисникот на објектот“, ни рекоа од Министерството. Додаваат дека ќе ги спремат информациите и документацијата до Владата и во зависност од одлуката ќе се пристапи кон реализацијата на соодветното решение.
Драмски е матичен театар на актуелниот министер за култура Зоран Љутков, кој е дипломиран актер. Тој работи во Драмски од 2006, а од 2010 до 2015 беше и уметнички раководител.
Во Програмата за работа на Владата на Ррепублика Северна Македонија (2024-2028) на премиерот Христијан Мицкоски, објавена на владината веб-страница, во делот „Инфраструктурна изградба во културата 2025-2034“ се предивдува „проектирање и изградба на современи објекти за Драмскиот театар, Театарот Комедија и Театарот за деца и младинци“.
- ВОДА ПАК ПРОТЕЧЕ ОД КРОВОТ НА ДРАМСКИ ТЕАТАР И БЛИЗУ КАБЛИ, ОТКАЖАНА ВЕЧЕРАШНАТА ПРЕТСТАВА
- СТАКЛАТА НА ДРАМСКИ ТЕАТАР ЌЕ ПАДНАТ ВРЗ МИНУВАЧИ, ТЕАТАРОТ ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ЧЕКА НОВА ЗГРАДА
Драмски театар уште во март 2009, во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ со тогашниот директор Бранко Ѓорчев (кој почина во 2013 н. з.) го презентираше избраниот проект за идејно решение за изградба на нова театарска зграда. Првата награда ја доби проектот под шифра „Актер“ на „Платформа“ д.о.о. на авторите-архитекти Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска и соработниците Веле Богоевски и Никола Томевски.
Според тогашните објави, театарот требаше да биде вклопен во мултифункционален деловен центар, кој ќе биде висок максимум 30 метри. „Театарот ќе зафаќа 20 отсто (приземје и два ката) од вкупниот простор на објектот и површина од околу 4.000 квадратни метри. Предвидени се голема и мала сцена, со 350 седишта за гледачи во партер и 150 места во галерија. Драмски театар сега се простира на 1.700 квадратни метри“, презентираше тогаш комисијата на чело со Мартин Пановски.
Директорот Ѓорчев тогаш кажа дека за изградбата на новиот објект ќе се бараат средства по моделот приватно партнерство зашто не се предвидени буџетски пари.
„Доколку фазите се реализираат непречено, изградбата би почнала за девет месеци. Општина Карпош направи измена на ДУП-от на општината, во кој е внесена маркичката за новата зграда“, рече тогаш Ѓорчев.
По овие најави, во 2014 беше објавено дека планираното здание на местото на постоечкиот театар во скопската населба Карпош 2 ќе го гради приватен инвеститор. Министерството за култура на 16 декември го објави повикот за пронаоѓање на компанија со која ќе воспостави договор за јавно-приватно партнерство за изградба на планираниот објект, при што проценетата вредност на градителскиот зафат изнесува 369.600.000 денари или 6 милиони евра, без вклучен ДДВ.
Во 2016 Министерството за култура објави тендер за избор на фирма-изведувач и дека објектот ќе биде само театар. Тогаш директор на Драмски театар беше Роберт Вељановски, кој е и актуелен директор.
„Објектот ќе се изгради со средства од буџетот на Република Македонија и во обем само за потребите на театарот. Новиот театар ќе поседува голема сала со капацитет од 379 седишта и мала сала со капацитет од 82 седишта распоредени како монтажно гледалиште, други придружни содржини и административно-технички простор. Сценскиот простор ќе биде уреден според светските театарски стандарди и ќе биде опремен со современа сценска технологија. Буџетот е 750.000.000 денари, овој проект е предвиден во новата програма на ВМРО ДПМНЕ, 2017- 2020 година“, објави тогаш министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Директорот на Драмски, Вељановски вели дека во делот за тендерската постапка од 2016, објавена од Министерството за култура, е наведено дека тендерот за изградба на објект за Драмски театар Скопје беше успешен, избрана беше градежната фирма „Бауер“ и на тендерот беше утврдена цена за изградба на ДТС од 9,5 милиони евра.
„За почеток на изградбата во процедура беше добивање на градежна дозвола која за објекти од јавен интерес ја издава Министерството за транспорт и врски. До 1 јуни 2017 година таа дозвола не беше издадена, согласно законските процедури кои нужно треба да се исполнат за истата да биде издадена. Но, Владата на СДСМ и ДУИ, која на 1 јуни 2017 ја презеде власта во Република Македонија, не сакаше да го продолжи проектот за изградба на ДТС“, рече Вељановски.
Б. НЕСТОРОСКА