ВОДА ПАК ПРОТЕЧЕ ОД КРОВОТ НА ДРАМСКИ ТЕАТАР И БЛИЗУ КАБЛИ, ОТКАЖАНА ВЕЧЕРАШНАТА ПРЕТСТАВА

    ВОДА ПАК ПРОТЕЧЕ ОД КРОВОТ НА ДРАМСКИ ТЕАТАР И БЛИЗУ КАБЛИ, ОТКАЖАНА ВЕЧЕРАШНАТА ПРЕТСТАВАСветло-мајсторите и електричарите вчера забележале дека прво почнало да капе по малку, за потоа да почне да шика вода од повеќе места. (Фото: Драмски театар)

    Од врнежите, вчера повторно протече кровот на Драмски театар, и тоа над сцената, како и во близина на струјните кола во објектот, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката Катарина Коцевска-Хаџи Василева.

    Таа вчера беше во Прилеп на затворањето на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, каде е уметничка директорка, и уште во попладневните часови, додека имало проби во Драмски, светло-мајсторите и електричарите ѝ јавиле дека прво почнало да капе по малку, за потоа да почне да шика вода од повеќе места.

    На сцената на Драмски тече од повеќе места. (Фото: Драмски театар)

    „Нема играње со струја и вода и реков веднаш да се затвори Театарот. Не сакам ни вработените ни публиката да бидат загрозени. Водата може да предизвика сериозни проблеми, пожар, струен удар и слично, за што мора да консултираме експерти, кои би дале дозвола за натамошна работа. Толку се подготвуваме да се вратиме на сцена, во тек се проби за премиерата на Коле Ангеловски, синоќа Драмски доби и награди на ‘Чернодрински’. Јас сум последниот човек кој сака да се затвори театарот. За жал, техничкиот проблем не можеме да го санираме со сопствени сили“, вели Коцевска.

    Последната санација беше во мај 2018, кога по обилните врнежи од дожд, прокапе покривот на повеќе места, меѓу кои и на сцената. Тогаш Министерството за култура издвои 54.000 евра за санација за кровот.

    Директорката вели дека за време на нејзиниот мандат се јавиле ситни протекувања на некои места, но успевала со средства на театарот да ги санира проблемите. Директорката додава дека со средства од Министерството за култура, изминатиов период се реновирани тоалетите наменети за публиката, а уште пред две години се одобрени пари за санација на сцената, но, вели, никако да почнат со реновирањето.

    Коцевска веќе ја информирала министерката за култура Ирена Стефоска, но со оглед на продолжениот празничен викенд, вели дека од вторник ќе добие повеќе информации за тоа кој ќе врши инспекција, контрола на безбедноста и слично и за тоа што е санирано во 2018.

    „Јас денеска можам само да ги заштитам вработените и публиката“, ни рече таа.

    Драмски театар уште во март 2009, во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот директор Бранко Ѓорчев, го презентираше избраниот проект за идејно решение за изградба на нова театарска зграда. Првата награда ја доби проектот под шифра „Актер“ на „Платформа“ д.о.о. на авторите-архитекти Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска и соработниците Веле Богоевски и Никола Томевски.

    Според тогашните објави, театарот требаше да биде вклопен во мултифункционален деловен центар, кој ќе биде висок максимум 30 метри.

    „Театарот ќе зафаќа 20 отсто (приземје и два ката) од вкупниот простор на објектот и површина од околу 4.000 квадратни метри. Предвидени се голема и мала сцена, со 350 седишта за гледачи во партер и 150 места во галерија. Драмски театар сега се простира на 1.700 квадратни метри“, презентираше тогаш комисијата на чело со Мартин Пановски.

    Директорот Ѓорчев тогаш кажа дека за изградбата на новиот објект ќе се бараат средства по моделот приватно партнерство зашто не се предвидени буџетски пари.

    „Доколку фазите се реализираат непречено, изградбата би почнала за девет месеци. Општина Карпош направи измена на ДУП-от на општината, во кој е внесена маркичката за новата зграда“, рече тогаш Ѓорчев.

    По овие најави, во 2014 беше објавено дека планираното здание на местото на постоечкиот театар во скопската населба Карпош 2 ќе го гради приватен инвеститор. Министерството за култура на 16 декември го објави повикот за пронаоѓање компанија со која ќе воспостави договор за јавно-приватно партнерство за изградба на планираниот објект, при што проценетата вредност на градителскиот зафат изнесуваше 369.600.000 денари или 6 милиони евра, без вклучен ДДВ.

    Во 2016 Министерството за култура објави тендер за избор на фирма-изведувач и дека објектот ќе биде само театар.

    „Објектот ќе се изгради со средства од буџетот на Република Македонија и во обем само за потребите на театарот. Новиот театар ќе поседува голема сала со капацитет од 379 седишта и мала сала со капацитет од 82 седишта, распоредени како монтажно гледалиште, други придружни содржини и административно-технички простор. Сценскиот простор ќе биде уреден според светските театарски стандарди и ќе биде опремен со современа сценска технологија. Буџетот е 750.000.000 денари, овој проект е предвиден во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ, 2017-2020 година“, објави тогаш министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира