Педесет и првото издание на Млад отворен театар (МОТ) се отвора вечерва (18 ноември) во 20 часот во салата „25 Мај“ на Младинскиот културен центар (МКЦ) со претставата „Кратки приказни“ на Театарот „Антон Подбевшек“ од Словенија.
Под мотото „Овојпат таа кажува“, годинешното издание на фестивалот, кое ќе трае до 24 ноември, е посветено на жената и женското авторство, со програма составена од претстави режирани од жени и продукции од Македонија, регионот и Европа.
„Кратки приказни“ е во режија и кореографија на Сања Нешковиќ-Першин. Станува збор за театарски експеримент кој преку различни сценски изрази ги спојува класичната глума, физичкиот театар, танцот, кореографијата и впечатливите визуелни композиции.
Инспирирана, меѓу другото, од приказната на Хорхе Луис Борхес „Двајцата кралеви и двата лавиринта“, претставата го поставува прашањето за човечката потреба за контрола и можноста за слобода надвор од наметнатите граници.
Претставата трае 60 минути, се изведува на словенечки јазик со превод на македонски, а играат: Матеја Железник, Лука Остреж, Филип Мрамор, Лука Бокшан и Андреј Томше.
Билетите за претставата „Кратки приказни“, како и за останатите претстави од програмата, се во продажба преку онлајн сервисот bileti.mkc.mk и на билетарницата на МКЦ, по цена од 400 денари.



