МЛАДИТЕ БАРАА КАРТА ПОВЕЌЕ ЗА „СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ НА ДИНА ДУМА ВО САРАЕВО

    МЛАДИТЕ БАРАА КАРТА ПОВЕЌЕ ЗА „СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ НА ДИНА ДУМА ВО САРАЕВОЕкипата на„Скејтањето не е за девојчиња“ на црвениот килим на Сараевскиот фестивал. (Фото: СФФ)

    Од Сараево за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина Лазаревска

    Европската премиера на македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума синоќа се одржа пред полна и целосно распродадена сала во Народниот театар во Сараево. Филмот имаше одличен прием и кај новинарите и кај фестивалската публика, а билети за проекцијата не можеше да се купат денови пред премиерата. Полна беше и салата на новинарската проекција. Филмот е дел од натпреварувачката програма за долгометражен игран филм на 32. Сараевски филмски фестивал и е во конкуренција за наградата „Срце на Сараево“.

    „Овој филм беше направен со многу грижа, многу љубов. Ги влеавме нашите срца и души во него“, рече Дума.

    Една од главните актерки, Симонида Селимовиќ, ја поздрави публиката на ромски јазик, а потоа рече:

    „Многу е важно што сте тука и што го гледаме филмот заедно, бидејќи ова не е филм за Ромите ами заедно со Ромите“, рече Селимовиќ.

    „Овој филм беше направен со многу грижа, многу љубов. Ги влеавме нашите срца и души во него“, рече Дума. (Фото: СФФ)

    Интересно беше што меѓу публиката имаше и многу млади. Пред црвениот килим, каде што се чекаше во ред за влез во театарот, мајка прашуваше дали редот е за проекцијата на „Скејтањето не е за девојчиња“, бидејќи ги донела своите две деца да го гледаат филмот.

    Продуцентката Лабина Митевска на прес-конференцијата рече дека токму тоа е една од најважните цели на екипата – филмот да дојде до младите, вклучително и преку проекции во училиштата.

    „Верувам дека филмот треба да биде пример преку кој со учениците ќе учиме за нашите разлики и за убавината на живеењето заедно“, рече Митевска.

    Главен лик во филмот на Дума е 13-годишна Адела, чија постара сестра набрзо треба да се мажи и таа преку скејтањето се бунтува против тоа и на тој начин се обидува да избега од таа реалност. Филмот следи три генерации жени од ромската заедница, кои се соочуваат со судир помеѓу традицијата и современоста и се заглавени во тоа.

    Дума рече дека идејата за филмот се родила од слика што ја видела во Скопје.

    „Еден ден видов девојче во народна носија како вози скејтборд во Скопје. Таа слика остана со мене повеќе од една година. Тогаш сфатив дека од неа мора да направам филм“, рече Дума.

    „Скејтањето не е за девојчиња“ зборува за ранливоста на едно девојче, за положбата на ромските девојчиња во патријархално општество и за начините на кои телото на жената може да биде претворено во прашање на „вредност“ во рамките на заедницата.

    Митевска рече дека е важно што регионалната кинематографија во моментов носи повеќе женски гласови и приказни што долго биле оставани на маргините.

    Продуцентката Лабина Митевска, актерката Симонида Селимовиќ и режисерката Дина Дума ги потпишаа фестивалските портрети. (Фото: СФФ)

    „Жените од Балканот се храбри и не се плашат да зборуваат за табу-темите на нашиот регион. Пред феноменот на ‘пазарот на невести’ често ги затвораме очите, а мора да зборуваме за тоа“,  рече Митевска.

    Дума рече дека при работата на сценариото сакала да избегне стереотипи за ромската заедница, кои често се присутни во регионалниот филм. Во развојот на сценариото учествувала и актерката Симонида Селимовиќ..

    „Ми беше важно таа да го разбере начинот на кој сакам да ја раскажам оваа приказна, но и да го одобри. На крајот, Симонида внесе многу нешта од своето лично животно искуство во сценариото“,  рече Дума.

    Селимовиќ, која е од босанско-ромско потекло, рече дека ромската заедница никако не е хомогена и дека филмот не се обидува да зборува за сите Роми како една група, туку за конкретно искуство.

    „Ме привлече приказната за девојчињата, но и борбата на мајката против сиромаштијата и патријархатот. Важно ми беше што Дина сакаше да направи филм заедно со Ромите, а не филм што зборува за Ромите однадвор“, рече Селимовиќ.

    Главните улоги, покрај Селимовиќ, ги играат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари и Ганимед Абдула. Најголемиот дел од актерите се натуршчици. Дума е сценаристка на филмот заедно со Лидија Мојсовска и Теона Стругар-Митевска.

    „Скејтбордингот не е за девојчиња“ имаше светска премиера во јуни на фестивалот Трајбека во Њујорк, каде што Дума ја освои наградата „Нора Ефрон“. Филмот е копродукција на Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска и беше поддржан од Агенцијата за филм со 24 милиони денари (околу 400.000 евра) на Конкурсот во 2022 во втор рок на одлучување, како и со 350.000 евра од Еуримаж, а поддршка доби и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска.

    За филмот се закажани уште неколку проекции денеска, на последниот ден на Сараевскиот филмски фестивал. Македонската премиера на „Скејтањето не е за девојчиња“ е најавена за септември.

    Годинава во официјалната натпреварувачка селекција за долгометражен игран филм првпат има два македонски филма. Освен филмот на Дума, во програмата е и „17“ на Косара Митиќ кој имаше премиера на 19 август. Документарецот „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски е во официјалната документарна селекција, а краткиот филм „Кучињата немаат соништа“ на Ханис Багашов е дел од програмата „Тин арена“.

    32-то издание на Сараевскиот филмски фестивал завршува вечерва со церемонијата на доделување на наградите во Народниот театар во Сараево.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира