Македонскиот народен театар (МНТ) ги откажа двете изведби на преставата „Бесачи“ закажани на 29 (среда) и 30 (четврток) ноември, поради 30. министерски состанок на ОБСЕ. Оттаму соопштија дека поради одлуката на Владата, во врска со министерскиот состанок на ОБСЕ, изведбите се откажуваат поради неработните денови.
„Изведбата на претставата се презакажува за 1 декември, а сите посетители кои билетите ги купија преку онлајн-системот ќе бидат директно контактирани и известени. Ја инфрмираме и публиката за купените билети на билетарницата во МНТ каде што ќе ѝ бидат заменети за 1 декември“, вели МНТ.
Владата на вчерашната седница одлучи 30 ноември да биде неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација, на подрачјето на град Скопје, како и за основните и средните училишта на подрачјето на град Скопје, поради одржувањето на состанокот на ОБСЕ.
Одлуката не се однесува на градинките и здравствените установи на подрачјето на град Скопје, кои што е потребно да изработат сопствени планови за работењето, со цел непречено функционирање, додаваат од Владата.
Исто така, Владата одлучи претходниот ден (29 ноември, среда) работното време на сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје да заврши во 12 часот.
Од Владата го препорачуваат истото и за приватниот сектор на подрачјето на градот Скопје, посебно од подрачјето на Општина Карпош и на општините кои гравитираат кон салата „Борис Трајковски“ и хотелот „Александар Палас“, каде што ќе се одржува министерскиот состанок на ОБСЕ на 30 ноември и 1 декември.
На самитот на ОБСЕ треба да дојдат сите министри за надворешни работи од Европа, како и државниот секретар на САД Ентони Блинкен. Македонија годинава е претседавач со ОБСЕ.
Б. НЕСТОРОСКА