Контроверзната претстава „Нашето насилство и вашето насилство“ на хрватскиот режисер Оливер Фрљиќ, во продукција на Словенско младинско гледалишче (СМГ) од Љубљана и на Хрватско народно казалиште „Иван Зајц“ од Ријека, вечерва во 20 часот го отвора 42. Млад отворен театар во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Претставата, како што рече на денешната прес-конференција директорот на СМГ Тибор Михелич, користи провокации и вулгарности за да го критикува популистичкиот дискурс на Европа кон општествените проблеми.
МОТ ја најавува „Нашето насилство“ како претстава која ја набљудува Европа која е наивно затечена од бегалската криза, Европа која бескрупулозно го заборава своето колонизаторско минато и која им ги затвора границите на оние кои бегаат од последиците на европските и на американските политики.
Михелич и директорката на ХНК Ријека Јелена Ковачиќ говореа за проблематичниот пат на претставата, истакнувајќи ги гостувањата во Сплит и во Сараево, кога демонстранти влегоа и простестираа за време на изведбите, па претставата се играше под зголемено полициско обезбедување.
Михелич додаде дека оваа претстава на Фрљиќ се разлкува од неговите две претходни, „Комплекс Ристиќ“ и „Проклет да биде предавникот на својата татковина“ („Проклет био издаијца своје домовине“) кои се занимаваа со екс-Ју траумите, а третава пак, првпат фрла бомба во Западна Европа и како што очекувале, перцепцијата на Западна Европа не е позитивна.
За денес на МОТ, се најавени и претставата на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, „Силјан Штркот шанца“ на малата сцена во Македонскиот народен театар (18 часот) и „Експеримент“ на Јане Спасиќ, продукција на „Артопиа“ во 22 часот во МКЦ. МОТ ќе трае до 4 октомври, а програмата оваа година е поделена во четири категории, и тоа: главната меѓународна програма, МОТ МК Прегледот, МОТ+ програмата како и придружните фестивалски содржини и програми.
Во меѓународната фестивалска програма, ќе бидат прикажани десетина претстави од Европа и Азија, кои секоја на свој начин ја потенцира поставеноста на единката пред сликата за вистинскиот живот денес – мигранти, традиција, работници, сираци, бегалци, историја.
Меѓу насловите кои ќе следат се босанската „Мојата фабрика“ во режија на Селма Спахиќ , мултимедијалната претстава „Птици“, на шпанскиот колектив „Агрупасион сењор Серано“, холандската „Лебенсраум”, иранската претстава „Сослушување”, полската „Хор на сираци“ и белгиската „Не срамам од моето комунистичко минато” на Сања Митровиќ и Владимир Алексиќ.
МОТ се организира со буџет од 7 милиони и 500 илјади денари, од Министерството за култура на Македонија и од Град Скопје.
Од денес, билетите за претставите во МОТ МК Прегледот се 300 денари, а од меѓународната програма се по 350 денари.
Б. НЕСТОРОСКА