МОТ ОТВОРА СО „ДЕКАМЕРОН“ НА КОЧОВСКИ НА 8 НОЕМВРИ

    МОТ ОТВОРА СО „ДЕКАМЕРОН“ НА КОЧОВСКИ НА 8 НОЕМВРИМОТ отвора со „Декамерон“, во режија на Мартин Кочовски, продукција на Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ . (Фото: Прилепски театар)

    Дваесет и девет настани, како претстави, работилници, промоции и предавања ќе има на 48. Млад отворен театар (МОТ), кој ќе се одржува од 8 до 18 ноември. Фестивалот отвора со претставата „Декамерон“, во режија на Мартин Кочовски, продукција на Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, најави организаторот, Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

    „Од италијанскиот хуманизам, следниот ден на сцена го гледаме рускиот реализам, ‘Браќа Карамазови’, претстава со која режисерот Оливер Фрљиќ по девет години се враќа во Загребaчко казалиште младих – ЗКМ. Претставата е работена во два дела, како две засебни претстави, заедно заокружувајќи се во една претстава. Па така, публиката ќе има можност да одбере дали ќе го гледа првиот, вториот или двата дела. Достоевски е мотив и за крајот на вечерните театарски продукции, каде што ќе го погледнеме ‘Евангелие по Ф. М. Достоевски’ во режија на Јернеј Лоренци, а во изведба на Српски народен театар од Нови Сад, Србија“, вели Русе Арсов од МКЦ.

    МОТ и годинава ја доделува наградата „Биш“,  иницијатива која ја почнаа лани,  како дел од заложбите за поддршка и промоција на домашната (пред сè) независна сцена. На отворениот повик се пријавиле 25 театарски претстави од домашната независна продукција, а на фестивалот ќе бидат прикажани шест селектирани претстави. Оценувањето на претставите го прави тричлено меѓународно жири. Наградата е именувана по еден од основачите на МОТ, Љубиша Никодиновски-Биш кој почина лани.

    Годинешната програма на фестивалот е поддржана од Министерството за култура (3.900.000 денари), Градот Скопје (650.000 денари), а преку партнерства, фондови, амбасади и министерства на други држави, обезбедени се дополнителни 2.300.000 денари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира