МОЖЕ ДА ГИ ИСКОРНАТ ЦВЕЌИЊАТА, АМА ПРОЛЕТТА СЕПАК ЌЕ ДОЈДЕ, ВЕЛАТ МЛАДИТЕ ФИЛМАЏИИ ВО РОТЕРДАМ

    МОЖЕ ДА ГИ ИСКОРНАТ ЦВЕЌИЊАТА, АМА ПРОЛЕТТА СЕПАК ЌЕ ДОЈДЕ, ВЕЛАТ МЛАДИТЕ ФИЛМАЏИИ ВО РОТЕРДАМ Директорот на фестивалот во Ротердам Беро Бејер на прес-конференцијата со режисерите на првите пет од десетте филмови во селекцијата за престижната награда Златен тигар. (Фото: ИФФР)

    (Специјално од Ротердам: Марина КОСТОВА)

    Загубата на ближниот и соочувањето со тоа, потрагата по личниот и колективниот идентитет и справувањето со личните демони на тој пат, се клучните теми што ја одбележуваат првата половина на селекцијата за престижната награда Златен тигар на 49. филмски фестивал во Ротердам. Првите пет од десетте филмови во селекцијата во која се вброени дебија, втор или трет филм на авторите, ги истражуваат овие теми експериментирајќи со формата, и иако не секојпат многу успешно, за почит е горливата потреба на младите автори да се проговори за тоа во овој специфичен момент на општествени промени во светот.

    Сцена од венецуелскиот „Тврдина“ на Хорхе Тиелен Арманд. (Фото: ИФФР)

    Политичкото е во поттекстот на делата и иако нема директни асоцијации, се открива загриженоста на авторите од напливот на популистичката десница и авторитарните власти во кревките па дури и етаблираните демократии.

    „Капитализмот ја достигна точката кога демократија не му е потребна. Верувам дека на корпорациите не им треба демократија“, рече на заедничката прес-конференција шпанскиот автор Луис Лопез Караско, чиј втор филм „Година на откритието“ трае 3 часа и 20 минути и е еден од најдолгите што воопшто биле во трката за Тигарот.

    Сцена од бразилскиот „Егзил“ на Марија Клара Ескобар. (Фото: ИФФР) 

    Филмот е полудокументарец за еден од најрадикалните работнички протести во Шпанија, кога во 1992 поради масовните отпуштања работниците го запалиле локалното собрание на градот Картагена. Караско, кој е родум од тој град, вели дека решил да го направи филмот откако се шокирал дека дури и неговите родители веќе не се сеќаваат за тој протест.

    Минатата недела бразилскиот министер за култура беше отпуштен откако во говор го цитираше нацистичкот идеолог Гебелс, велејќи дека културата (и филмот) треба да биде херојска и национална. На прашањето кој е нивниот однос кон националниот идентитет во нивните филмови, бразилската дебитантка Марија Клара Ескобар рече дека нејзиниот филм „Егзил“ се снимал долго време и токму се забележува како се случуваат тие промени во земјата, во која сега владее десничарскот популист Болсонаро. Таа се осврна на проблемот со апатичноста на ставот „не ме занима политика“.

    Сцена од шпанскиот „Година на откритието“ на Луис Лопес Караско. (Фото: ИФФР)

    „Филмот е за луѓе од една етаблирана средна класа кои сметаат дека ако ја игнорираат стварноста и промените во неа, тие не се случиле. Оттаму и нивната апатичност и статичност“, вели Ескобар.

    Младиот венецуелски автор Хорхе Тиелен Арманд во својот втор филм „Тврдина“ за главен актер го избрал татка си, кој не е актер, кој игра верзија на себеси – човек на 60-на години кој се бори со алкохолизам и кој ќе замине од главниот град во џунглата за да ја поправи семејната колиба и да се излечи од зависноста, но ќе западне во виорот на криминалните битки на трагачите по злато, негови поранешни пријатели.

    Сцена од холандскиот „Драма девојка“, на Винсент Бој Карс (Фото: ИФФР)

    „Го направив филмот како семеен албум, за да го овековечам ликот на татко ми, го замислив како архива на лична мелодија“, вели Арманд, кој додава дека патем се соочил со промените и хаосот во кој западна Венецуела каде веќе не се ни поддржува снимањето филмови.

    „Може да ги искорнат сите цвеќиња, ама пролетта сепак ќе дојде. Ќе најдеме начини да продолжиме да снимаме филмови, без оглед на тешкотиите“, рече Арманд.

    Во конкуренцијата за Тигарот е и „Драма девојка“, дебито на холандскиот автор Винсент Бој Карс, кој направил експериментална постапка – инсценација на трауматичната година на неговата млада пријателка Лејла по смртта на татко ѝ. Лејла се глуми сама себеси, а мајка ѝ и татко ѝги играат двајца искусни актери и целиот филм ја замаглува границата меѓу она што е вистина и фикција.

    Паралелно со филмската програма, на фестивалот се во тек и бројни работилници, мастеркласи и разговори со професионалци од филмската индустрија за авторски филмови. Еден од најпопуларните настани е конференцијата Контакт со реалноста, чија тема годинава е оригиналноста: зошто оригиналниот начин на раскажување приказни е важен, како противтежа на доминантната монолитна култура на холивудските студија. На конференцијата се разгледуваа разни аспекти на темата оригиналност, како откривање и популаризирање нови гласови, соработки и колективи, како да се досегне нова публика на нови начини и како да се прифатат нови технологии и нови начини на раскажување прикаски.

    Во таа смисла, се чини најпрактичен беше советот на професорот Дан Хасиер Форест од Универзитетот во Утрехт, кој вели дека еден авторски филм многу полесно ќе изгради својот бренд ако обезбеди дистрибуција (особено онлајн стриминг) на помали платформи, а не на гиганти како Нетфликс на пример, оти на гигантите има куп филмови од реномирани автори и многу е потешко да се изгради и пробие ново име.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира