МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА ЈА ОДЛОЖИ ИЗЛОЖБАТА ЗА АФРИКА ОТКАКО МИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА ГО СМЕНИ ДИРЕКТОРОТ НИКОЛОВ

    МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА ЈА ОДЛОЖИ ИЗЛОЖБАТА ЗА АФРИКА ОТКАКО МИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА ГО СМЕНИ ДИРЕКТОРОТ НИКОЛОВНа изложбата требаше да бидат презентирани повеќе археолошки, етнолошки и уметнички експонати, како и архивски материјали што ги истакнуваат културните, историските, религиските и политичките врски помеѓу Македонија и Африка (Фото: Музеј на Северна Македонија)

    Музејот на Северна Македонија ја одложи изложбата „Африка во Македонија“, првично најавена за 30 октомври, откако пред неколку денови министерот за култура Хусни Исмаили го разреши директорот Гордан Николов.

    Музејот на Фејсбук објави дека отворањето на изложбата се одложува од објективни причини, и дека во моментот не можат да се реализираат одредени административни процеси во музејот, а дел од нив се рефлектираат и врз изложбата.

    Музејот вели дека ќе ја извести јавноста штом го дефинирааат новиот датум за отворањето и траењето на изложбата.

    „Директорот Гордан Николов е разрешен поради утврдена работа спротивна на Законот за култура и на Законот за музеите, како и на Статутот на установата, а по извршен вонреден инспекциски надзор од овластени инспектори за културата“, изјавија од кабинетот на министерот Исмаили за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Министерството вели дека вршител на должноста директор ќе биде назначен во најкус можен рок, „со што Министерството за култура ќе направи се’ што е во своја надлежност НУ Музеј на Северна Македонија да продолжи непречено да ја извршува својата функција“.

    Како што беше првично најавено, на изложбата требаше да бидат презентирани повеќе археолошки, етнолошки и уметнички експонати, како и архивски материјали што ги истакнуваат културните, историските, религиските и политичките врски помеѓу Македонија и Африка.

    Автори на изложбата се доц. д-р Гоце Наумов од Музејот на Северна Македонија и проф. д-р Никос Чаусидис од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Таа треба да се реализира во соработка со Археолошкиот музеј на Северна Македонија, Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Музеј на град Скопје, Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола и Национална установа Стоби.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира