НА 26 НОЕМВРИ ПРЕМИЕРА НА „МОБИ ДИК“ ВО ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ, ВО РЕЖИЈА НА ДАМЈАН КЕЦОЈЕВИЌ ОД СРБИЈА

НА 26 НОЕМВРИ ПРЕМИЕРА НА „МОБИ ДИК“ ВО ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ, ВО РЕЖИЈА НА ДАМЈАН КЕЦОЈЕВИЌ ОД СРБИЈАСтојанов, Лукан-Николовски, Кецојевиќ, директорката на ТДМ, Фросина Карловицс, Лазиќ, Стефановски, Наковски и Левајковиќ-Бошков на денешната прес-конференција. (Фото: СДК.МК)

Претставата „Моби Дик“ работена според романот на Херман Мелвил, а во режија на Дамјан Кецојевиќ од Србија, премиерно ќе се изведе на 26 ноември (19 часот) во Театарот за деца и младинци.

Драматизацијата и адаптацијата на еден од капиталните романи на светската книжевност се на Тијана Грумиќ од Србија, а драматург е Драгана Лукан Николоски. Сценографијата и костимографијата се на гостите од Србија, Андреја Рондовиќ и Александра Лалиќ. Музиката е на Круме Стефановски.

Играат: Ана Левајковиќ-Бошков, Мики Анчевски, Наташа Петровиќ, Никола Наковски, Ненад Митевски, Петар Стојанов и Симона Спировска.

Кецојевиќ на денешната прес-конференција рече дека романот напишан во 1851, го довеле во врска со денешното време и не само во контекст на односот на природата и човекот, туку и на човечките страсти.

„Беше доста предизвикувачки едно такво големо дело, да се спакува на вака мала сцена, а притоа да не се скратат сцените со акција, кои се случуваат на море. Оваа наша претстава е наменета за над 10 години. Од друга страна, не постои ништо во претставата што би оставило некоја лоша трага или трауматично искуство на детето. Ако не ја разбере претставата, едноставно ќе му останат некои силни визуелни мотиви. Кога јас правам претстава, а тоа го прават мнозинството луѓе кои се занимаваат со театар за деца и млади, ние не правиме претстава само за деца, туку всушност ја правиме и за нивните родители и секогаш постои еден аспект или повеќе аспекти кои течат паралелно со основната приказна, која можеби возрасните дури и емотивно повеќе ги допира отколку децата, зошто децата не се свесни за последиците од голем дел од настаните како што се смрт, загуба, болест и останато. Ова е на некој начин и претстава за целото семејство, зошто, всушност, сите сме на некој начин деца“, рече режисерот.

Сцена од претставата „Моби Дик“. (Фото: ТДМ)

Според драматургот Лукан Николоски, најважниот момент којшто треба да го понуди театар за деца и млади, а тоа е да не ѝ попува на публиката.

„Претставата е направена на начин да ја вовлече публиката во самото дејство и на младите, а и на возрасните коишто ќе ја гледаат, да им предизвика една низа емпатија со тоа што го гледаат, да ги согледаат последиците на одредено дејство“, кажа таа.

Кецојевиќ кажа дека со оглед на тоа дека дејството се случува во океан, сценографот Кецојевиќ добил идеја сцената всушност да биде сето она што не треба да заврши во океанот, а плексиглас, фолии, пластични работи, ќеси, најлони за молерисување.

„Мислам дека тоа е некако супер концепт, затоа што цело време дава некаква магија во текот на претставата, но кога ќе се запали тоа светлото за последната сцена, сфаќате дека сцената е всушност куп ѓубре кое инаку завршува во природата“, кажа тој.

Б. НЕСТОРОСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира