Дваесет години од смртта на режисерот Димитрие Рули Османли и 65 години од снимањето на „Мирно лето“, првата македонска филмска комедија и првиот филм во македонската кинематографија режиран од македонски филмски автор, ќе се одбележат на 30 октомври, во 19 часот, во Кинотеката. Димитрие Рули Османли е роден во Битола, 29 мај 1927, а почина во Скопје на 13 март 2006. Тој е првиот македонски дипломиран филмски и театарски режисер, прв македонски автор на игран филм.
Освен „Мирно лето“, ќе бидат прикажани и документарниот филм „Девојките од Мали“ (1963), како и Филмските журнали бр. 4 и бр. 6 од 1946 година, исто така во режија на Османли, кои претставуваат драгоцено сведоштво за времето и за развојот на филмската продукција во Македонија.
Димитрие Османли е автор и на играните филмови „Мементо“ (1967), „Жед“ (1971) и „Ангели на отпад“ (1995), како и документарните „Распламтени факли“ (1956), „Афион“ (1962), „Културно богатство во урнатини“ (1963), „Кеј 13 Ноември“ (1964) и наградуваниот „Дванаесетте од Папрадник“ (1965).
„Неговиот кусометражен игран филм ‘Бунт на куклите’ (1957) во 2022 го отвори Фестивалoт на новореставрирани филмови ‘Ил чинема ритровато’ во Болоња, а признанието што го доби македонската кинематографија со неговата проекцијата во Болоња е дотолку поголемо, што ова беше прв и засега единствен македонски филм прикажан на овој реномиран фестивал. Во 2023, на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, ‘Мементо’ беше прикажан во рамките на југословенската ретроспектива на ‘црниот бран’ во реномираниот њујоршки Музеј на современа уметност – МоМА каде што режисерската постапка на Османли во овој филм беше споредена со онаа на големиот француски режисер Ален Рене во неговиот култен филм ‘Хирошима, љубов моја’“, велат од Кинотеката.
Покрај тоа што е прва комедија, „Мирно лето“, исто така, е и прв македонски филм на современа тема затоа што до 1961 играните филмови биле претежно на теми од Втората светска војна. За „Девојките од Мали“, пак, „Вардар филм“ ја добива продуцентската награда на Фестивалот на југословенскиот документарен и кусометражен филм во Белград 1964.



