НА 4 АПРИЛ ВО МСУ СЕ ОТВОРА ХРОНОЛОШКА ИЗЛОЖБА ЗА СОЗДАВАЊЕТО И РАЗВОЈОТ НА МУЗЕЈОТ

    НА 4 АПРИЛ ВО МСУ СЕ ОТВОРА ХРОНОЛОШКА ИЗЛОЖБА ЗА СОЗДАВАЊЕТО И РАЗВОЈОТ НА МУЗЕЈОТНа изложбата ќе биде претставен и избор од делата од колекцијата на МСУ-Скопје. (Фото: МСУ)

    Изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“ ќе се отвори задутре (4 април) во 19:30 часот во Музејот на современата уметност Скопје (МСУ) .

    Куратори се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец, кои велат дека изложбата е дел од одбележувањето на шесетгодишнината од основањето МСУ – Скопје, кое ќе продолжи во текот на целата 2024.

    Поставката претставува хронологија на настаните почнувајќи од 1963,  како нулта точка, преку формирањето на институцијата во 1964  изградбата и отворањето на Музејот во 1970, па до најактуелните изложби како меѓународната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ и самостојните изложби на светски уметници.

    „Таа е обид, преку мапирање на бројните настани и нивниот визуелен комуникациски аспект да се даде поттик во размислувањата за важноста на МСУ-Скопје во процесот на проектирање и оформување на сликата за современоста“, велат кураторите.

    На изложбата покрај прегледот на визуелниот и документарен материјал, плакати, публикации, ќе биде претставен избор од делата од колекцијата на МСУ-Скопје, меѓу кои оние на Марино Тартаља, Ханс Хартунг, Александар Калдер, Петар Лубарда, Душан Оташевиќ, Петар Хаџи Бошков, Јордан Грабул, Анета Светиева, Малгоржата Потоцка, Јован Шумковски, Христина Иваноска, Что Делат.

    „Годинашниот јубилеј одново нѐ потсетува дека Музејот преку заложбите и напорите на иницијативниот одбор, и секако првиот директор проф. д-р Борис Петковски (1964-1976) и Соња Абаџиева Димитрова (1977-1984) станува важен дел од локалната и глобалната културната историја, а следните генерации продолжуваат во изградбата на траен споменик на творештвото на над 1900 уметници – донатори од 70 земји од светот, кои по земјотресот од 26 јули 1963 година со своите донации на уметнички дела и со чинот на солидарноста, го почестија градот Скопје и граѓаните на целата земја“, велат од МСУ.

    Низ богатата изложбена историја на Музејот која опфаќа стотици самостојни и групни изложби на домашни и странски уметници, неизоставен дел се изложбите „Млада генерација“ од 1967 година кои прераснуваат во Биеналето на младите (1987-денес), потоа едукативната и филмската програма, богатата издавачка дејност, која опфаќа монографски публикации, како и списанието за современа уметност, култура и теорија, од првиот до најновиот број.

    Изложбата ќе трае до 21 мај.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира