НА АРХЕОЛОШКИТЕ ЛОКАЛИТЕТИ ИМ ДОЛЖИМЕ БАРЕМ ПАТОКАЗИ И ДА ИМ СЕ ИСКОСИ ТРЕВАТА – ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА АРХЕОЛОГИЈАТА

    НА АРХЕОЛОШКИТЕ ЛОКАЛИТЕТИ ИМ ДОЛЖИМЕ БАРЕМ ПАТОКАЗИ И ДА ИМ СЕ ИСКОСИ ТРЕВАТА – ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА АРХЕОЛОГИЈАТААрхеолошкиот парк Бразда создаден кај гробница од 5.век пред нашата ера во Чучер Сандево, скопско (Фото: Археопарк Бразда)

    Имаме непроценливо културно богатство, но не ни е доволно презентерано и популаризирано во нашата и во светската јавност, смета проект менаџерот на Институтот за археолошки истражувања Радомир Ивановиќ, кој во соработка со Археолошкиот музеј на Македонија, вчера се вклучи во одбележување на Светскиот ден на археологијата.

    „Овој ден во светот се одбележува по седми пат, ние го одбележувавме две години, па направивме пауза, и сега сме повторно активни. Идејата е во еден ден преку предавања, фотографии, снимки од терен, од дрон на локалитетите, да ги прикажаме активностите на македонските археолози. Сето ова се преведува на англиски, и се закачува на официјалната страница на Ден на археологијата и на тој начин широко се споделуваат информациите од земјава и стануваат достапни за секој заинтересиран за темата археологија“, вели Ивановиќ.

    Институтот за археолошки истражувања вели тој, се занимава и со истражувачки проекти, но тој лично е фокусиран на презентација и промоција на археолошките наоди и локалитети, зашто смета дека треба да се подигне свеста за значењето на археологијата.

    „Сметам дека нашата земја е пребогата со културно наследство, но за него малку се знае. Едноставно, тие не се ни обележани по главните патни правци. Често поминуваме покрај некој локалитет, а не ни знаеме дека таму се крие нешто многу вредно. Обележувањето и патоказите се основна работа, а потоа и средувањето. Секако дека е тоа државна стратегија и се потребни пари, но сметам дека и локалната самоуправа може лесно да помогне само ако ја искоси тревата и ако ги зачисти локалитетите“, вели Ивановиќ.

    Тој додава дека за истражувањата се трошат јавни пари и дека од тие активности треба и јавноста нешто да добие, а како пример го зема нему омилениот проект со средување на Археолошкиот парк Бразда.

    „Се работи за локалитет веднаш до Скопје, кај ресторанот ’Чардак’, но никој не го посетуваше се додека не го средивме, а се работи за прекрасна гробница од 5.век пред нашата ера. Тоа е целосно истражен локалитет и седеше така. Со посебен проект и со поддршка од Министерството за култура и од спонзори, пред 5 години направивме пат, поставивме табли, изградивме плоштад со клупи и Архео паркот е сега посетен од домашни гости, од дипломатите, од сите кои се разладуваат во Чучер Сандево“.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира