НА ЛУЃЕТО ДЕНЕС НАЈМНОГУ ИМ ТРЕБА ЗНАЕЊЕ, ВЕЛИ УМЕТНИЧКОТО ДУО ДАН И ЛИА ПЕРЖОВСКИ ПРЕД ИЗЛОЖБАТА ВО МСУ СКОПЈЕ

    НА ЛУЃЕТО ДЕНЕС НАЈМНОГУ ИМ ТРЕБА ЗНАЕЊЕ, ВЕЛИ УМЕТНИЧКОТО ДУО ДАН И ЛИА ПЕРЖОВСКИ ПРЕД ИЗЛОЖБАТА ВО МСУ СКОПЈЕДан и Лиа Пержовски со кураторката Мира Гаќина во МСУ. (Фото: МСУ)

    Светски реномираните уметници Дан и Лиа Пержовски на 26 септември (20 часот) ќе се претстават со свои дела во Музејот на современа уметност (МСУ) Скопје. Кураторка на изложбата е Мира Гаќина, која вели дека уметниците се веќе во Скопје и ги  исцртуваат ѕидовите на Музејот.  Пред официјалното отворање на изложбата, во 19:30 часот, Дан и Лиа ќе направат музејска тура за посетителите.

    Уметничкиот пар досега ги има исцртано ѕидовите во МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду-Бобур во Париз, ВанАбе Музејот во Ајндховен.

    Дан Пержовски, чие изразно средство е цртежот ќе се претстави со проектот „Обновени вести“ (ReNews), фокусиран на актуелните општествени и политички настани преку оригинална визуелна перспектива.  Уметникот користи различни медиуми, често комбинирајќи графики, текстови и илустрации за да создаде креативен и критички поглед на актуелните случувања. Овој проект вклучува и компоненти како што се стрипови, колажи и слики. Дел од неговата изложба е и интерактивна. На поставката ќе има ѕид, каде посетителите ќе можат да цртаат или напишат нешто доколку имаат што да кажат.

    „Моите цртежи се инспирирани од медиумите, особено од печатените медиуми. И многу често преку цртежот ја визуелизирам сржта, она што е нагласено во информацијата. Теми како војна, емигратски кризи, богати наспроти сиромашни… се теми кои постојано се повторуваат во различни околности“, вели Дан.

    На изложбата во МСУ ќе бидат изложени и цртежите кои Дан ги има донирано на МСУ- Скопје.

    Лиа Пержовски, која е истражувачка, уредничка и концептуална уметница ќе се претстави со проектот „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“ – (Survival Kit (a selection from Knowledge Museum)) во кој истражува концепти поврзани со знаењето, образованието и социјалните структури, преку серија интерактивни и концептуални дела.

    „Во мојот изложбен простор креирав две институции, архива од современата уметност и музеј на знаењето. Денес светот живее во хибридна војна, освен воените жаришта, тука се и пандемиите, глобалното затоплување… Па затоа изложив објекти – неопходен сет за камуфлажа и преживување. Но она што им е најмногу потребно на луѓето денес е знаењето. Земјите се менуваат многу брзо, затоа треба да бидеме адаптибилни и покреативни. Во рамки на изложбата направив и времеплов на уметноста од нејзините почетоци до денес. Изложбата е повеќеслојна и покрај уметноста и знаењето се занимава и со аспектите кои го градат идентитетот на еден човек“, вели Лиа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира