НАЈГЛАСНО КАЈ ТИВКИОТ И СКРОМЕН МИТРИЧ Е НЕГОВОТО ТВОРЕШТВО, РЕЧЕ АКАДЕМИК БАЈРАМ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА СКУЛПТОРОТ МИТРИЌЕСКИ

    НАЈГЛАСНО КАЈ ТИВКИОТ И СКРОМЕН МИТРИЧ Е НЕГОВОТО ТВОРЕШТВО, РЕЧЕ АКАДЕМИК БАЈРАМ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА СКУЛПТОРОТ МИТРИЌЕСКИСемејството на академик Боро Митриќески и академиците Георги Старделов и Владо Камбовски на денешната комеморација во МАНУ (Фото: К. Попов)

    „Митричот е уметник кој не потклена на притистоците на разните изуми, ниту на влијанието на технолошкиот живот. Не беше помпезен, ниту екстравагантен, неговото творештво остана исконско“, рече академик Газанфер Бајрам на денешната комеморација во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) за академик Боро Митриќески, кој почина во саботата на 91 година.

    Во својата богата творечка кариера Митриќески, еден од великаните на македонското вајарство, кој внесе радикални промени во македонското пластично творештво, има реализирано над 350 дела како фигури, актови, композиции, торза, потоа портрети и други коишто претставуваат трајна вредност во македонската скулптура во изминатите шест децении. Треба посебно да се нагласат изведените десет споменици и спомен-обележја, меѓу кои и „Железара“, скулптура во метал, Скопје, Споменик „Кирил и Методиј“, бронза Скопје, споменик „Карпош“, мермер Кратово, споменик НОБ Делчево и фонтана „Дојран“.

    На комеморацијата говореа претседателот на МАНУ, академик Таки Фити и академиците Газанфер Бајрам и Влада Урошевиќ (Фото: К. Попов)

    Академик Бајрам, говорејќи за животот и творештвото на Митриќески, за инспирациите од Прилеп, за спокојот покрај Радика, рече дека и самиот бил како Марко Цепенков, секое негово дело е приказна за себе.

    „Митрич беше мајстор што ги претпочита природните материјали. Тој е ингениозен во споменичарството, Боро ги галеше своите дела како свои живи чеда и велеше : ‘Видете што е убаво’. И навистина, неговите дела имаат душа и изгледаат како да зборуваат наместо него. Оставаат незаборавен впечаток, просто човек да посака да ги има дома. Кога еден уметник заминува, останува неговото творештво. Боро е парадигма на источната мудрост: Ако сакаш да собираш плодови по илјада години, вложувај во уметноста. Ќе биде запаметен како тивок, скромен, ненаметлив човек. Најгласно во неговиот живот останува неговото творештво. Добар човек, добар уметник, добар пријател и проживеа добар живот. Боро имаше 90 години, од кои 70 беа исполнети со верба во уметноста и со искрена радост кон своето творештво“, рече Бајрам.

    Академик Влада Урошевиќ кажа дека Митриќески е една од клучните фигури во развитокот на македонската скулптура, уметник кој своето дело одбележа цела една епоха во македонската ликовна уметност.

    „Митриќески спаѓа во онаа генерација на која историјата ѝ ја подари улогата на пробивачи на патиштата по кои ќе зароди штотуку родената македонска ликовна уметност“, рече Урошевиќ.

    Митриќески е добитник на повеќе награди и признанија, како државната награда „11 Октомври“, наградата „Нерешки мајстори“ и други. За редовен член на МАНУ е избран на 26 јули 1997. Академик Митриќески беше погребан денес на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари