НАПРАВИВМЕ ФИЛМ ЗА ИЗГУБЕНАТА ГЕНЕРАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА, НЕ ДОКУМЕНТАРЕЦ ЗА СМИЛКОВСКО ЕЗЕРО, РЕЧЕ ПРОДУЦЕНТКАТА ЛАБИНА МИТЕВСКА ПО ПРЕМИЕРАТА НА „БРАЌА МАНАКИ“

    НАПРАВИВМЕ ФИЛМ ЗА ИЗГУБЕНАТА ГЕНЕРАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА, НЕ ДОКУМЕНТАРЕЦ ЗА СМИЛКОВСКО ЕЗЕРО, РЕЧЕ ПРОДУЦЕНТКАТА ЛАБИНА МИТЕВСКА ПО ПРЕМИЕРАТА НА „БРАЌА МАНАКИ“Лабина Митевска, продуцентката „Кога денот немаше име“ што го режираше сестра и Теона Митевска, со дел од актерската екипата на „Браќа Манаки“ во Битола (Фото: СДК.МК)

    Направивме филм за болката на изгубената генерација млади во Македонија, рече Лабина Митевска, продуцентката на македонскиот филм „Кога денот немаше име“ што го режираше сестра и Теона Митевска, кој македонска премиера ја имаше синоќа на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола.

    Филмот прикажува општествено сивило во кое живеат шест тинејџери, сите во дисфункционални семејства.

    Филмот имаше македонска премиера синоќа на „Браќа Манаки“ (Фото: СДК.МК)

    „Целта ни беше да ја почувствуваме болката на оваа изгубена генерација, болката што животот ја носи. Нетолерантноста на општеството во кое живееме, тежината на зборовите кои едни кон други си ги упатуваме, непромислените реченици кои си ги кажуваме, а со секоја таква убиваш некого или нешто во себе. Значи филм за болката на животот. Што значи тоа за нас како општество, што значи за овие млади луѓе, кон каде се движиме?“, рече Митевска.

    На крај тинејџерите одат на риболов и таму некој ги убива со куршум в чело. Сестрите Митевски во февруари, пред премиерата на Берлинале во програмата Панорама, го најавија филмот како инспириран од убиството на петемина млади луѓе кај Смилковското Езеро во 2012 година. Лабина Митевска денеска рече дека  целта на екипата која го подготви филмот не беше документаристички да навлезе во настанот, туку да ја опише бруталната реалност во Македонија, поточно грдотијата во животот.

    Во филмот играат шест млади актери аматери, а едниот од нив Игорчо Попстолов е момче со попреченост, кого режисерската Теона Стругар Митевска го пронашла во дом во Бања Банско.

    „Теона ми рече јас морам да одам во оној напуштен дом за деца и хендикепирани и сите ги имаат заборавено. Таму најде две прекрасни момчиња. На излегување и рекоа ‘не е важно кој од нас ќе избереш, важно е да биде едниот, за светот да слушне дека постоиме’. Тогаш Игорчо рече дека сака да студира психологија, но дека луѓето како нив не можат да студираат. Но, ете денес има завршено две години од факултетот за психологија“, рече Митевска.

    На промоцијата на филмот во Битола присуствуваше и Попстолов кој рече дека спомените од снимањето на филмот ќе му останат врежани засекогаш во сеќавањата.

    Лабина рече дека „Кога денот немаше име“ , заедно со „Јас сум од Титов Велес“ се двата најуспешни филмови на нивната продукциска куќа „Сестри и брат Митевски“.

    „Фантастично поминува по фестивали. Филмот е продаден во цена Источна Азија , во земји како Камбоџа, Виетнам, пред четири дена ни јавија дека е продаден во Кина. Можеби единствен македонски филм кој ќе биде дистрибуиран таму“, рече Лабина Митевска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари