НАПРАВИВМЕ ВОСПИТНА ПРЕТСТАВА ЗА МЛАДИТЕ ЗА „ОТФРЛЕНИОТ“ И „ИСМЕАНИОТ“, ВЕЛИ ЗОЈА БУЗАЛКОВСКА ЗА ПРЕМИЕРАТА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

    НАПРАВИВМЕ ВОСПИТНА ПРЕТСТАВА ЗА МЛАДИТЕ ЗА „ОТФРЛЕНИОТ“ И „ИСМЕАНИОТ“, ВЕЛИ ЗОЈА БУЗАЛКОВСКА ЗА ПРЕМИЕРАТА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР„Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс е за 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има Аспергеров синдром. - Сцена од претставата. (Фото: Драмски театар)

    „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс во режија на Зоја Бузалковска е последната претстава за годинава на Драмски театар, со премиера вечерва во 20 часот. Драмскиот текст е адаптација на популарниот истоимен роман на Марк Хадон од 2003, кој освои 17 книжевни награди.

    Сместена во Свиндон и Лондон, приказната е за 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј кој има Аспергеров синдром.

    „Она што ‘Чудна случка со кучето во ноќта’ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на ‘посебниот’, ‘различниот’, ‘отфрлениот’, ‘исмеаниот’, ‘потценетиот’. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно-воспитна функција и ќе може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика. Од друга страна, пак, жанрот на црната комедија и на моменти сурово остриот, иако бескрајно духовит, јазик, ја носат пред сѐ во вечерните термини и ја усложнуваат нејзината улога“, вели Бузалковска.

    Сцена од „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс. (Фото: Драмски театар)

    Играат: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева-Вељиќ Таци, Александар Степанулевски, Емилија Мицевска-Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.

    Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимите на Елена Вангеловска и Раде Василев, а музиката на Давид Ангелевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира