Најновата претстава на Македонскиот народен театар „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен вечерва го отвора 56. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Фестивалот ќе трае до 10 јуни, а во програмата ќе бидат осум претстави во изведба на осум различни театарски куќи од земјава.
Покрај „Народен непријател“, публиката ќе може да ги гледа и „Артуро Уи“ од Бертолт Брехт во изведба на Народниот театар од Битола, „Бракот на Марија Браун“ од Рајнер Вернер Фасбиндер (Народен театар од Струмица), „Вишновата градина“ од Антон Чехов (Турски театар од Скопје), „Декамерон“ според Џовани Бокачо (Народен театар од Прилеп), „Јазли“ од Рефет Абази (Албански театар од Скопје), „Клетвата на Скотје“ од Нил Сајмон (Театар Комедија од Скопје) и „Се викам Горан Стефановски“ (Драмски театар од Скопје).
„Ни беа понудени 19 претстави од репертоарот на македонските професионални театарски куќи. Избраните осум претстави ги одразуваат сегашните дострели на македонскиот театар, кој и тематски и формално ги испитува можностите за соочување со нашата загрижувачка стварност. Избрани се претстави од голем формат и со силен режисерски печат. Кон редот на искусните режисери како Миќуновиќ и Милчин се приклучуваат силни режисерски имиња од средната и од помладата генерација. Исто така, во овие претстави можат да се издвојат значајни актерски, драматуршки, сценографски, костимографски и композиторски остварувања“, кажа селекторот на фестивалот Иван Додовски.
Награда за животно дело ќе добијат актерката Бедиа Беговска и драматургот Русомир Богдановски.