„Наздравје кајмакот“, рече екипата на новиот, седми филм на режисерот Милчо Манчевски на синоќешната премиера на „Кајмак“ во Филхармонијата.
„Се разбира, тука се сите симболики кои произлегуваат од зборот кајмак, како кремот, како најубавото, и како прашање што е всушност најубаво и за што вреди да се живее“, кажа Манчевски на почетокот на снимањето на филмот.
Актери, филмаџии, политичари го исполнија салонот на Филхармонијата и на крајот со силен аплауз ја поздравија екипата на филмот, која го најавува како црна комедија или среќна трагедија за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот на филмот. Филмот е безмилосна критика на лицемерието на малограѓанштината.
„Комшијата е најважната институција во една малограѓанска средина. Но, секое добро уметничко дело те кани да го ѕирнеш светот со поинакви очи. „Кајмак“ ја кани публиката да не суди, туку да сочувствува со ликовите – а сите тие се во исто време и жртви и душмани“, рече Манчевски.
„Кајмак“ имаше светска премиера на 26 октомври на Меѓународниот филмски фестивал во Токио, а од денес ќе игра во скопските кина Синеплекс и Милениум. Веќе се закажани и проекциите во Гостивар, Пробиштип, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Виница, Крушево, Струмица, Македонска Каменица, Тетово, Дебар, Берово, Неготино, Богданци, Кратово, Радовиш, Струга, Кичево, Охрид, Свети Николе, Прилеп и Штип. Премиерата во Битола и Гевгелија е на 23 ноември.
„Направивме напор да го прикажеме филмот во секое кино каде што има техничка можност за тоа“, кажа продуцентот Јане Ќортошев.
Снимен според сценариото на Манчевски, во филмот играат Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.
Б. НЕСТОРОСКА