Идентитет, себепронаоѓање, љубов и омраза, фамилијарни врски, војна, Израел, Палестина се дел од темите кои провејуваат низ претставата „Сите сме птици“ на Слободан Унковски, еден од најзначајните македонски театарски режисери, чија премиера е закажана за вечерва во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ). Унковски, на голема радост на македонската театарска публика, во МНТ се враќа после 9 години, поставувајќи текст на современиот либанско-канадски aвтор Важди Муавад.
Во драмата на Муавад, додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сето она што го знаат за својот идентитет. Поради терористичкиот напад во Ерусалим, младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан паѓа во кома, додека неговата девојка Вахида (американка со арапско потекло) е оставена да ја открие неговата семејна тајна.
САКАМДАКАЖАМ.МК пред премиерата разговараше со Сара Климоска која го игра главниот женски лик Вахида и со Тина Трпкоска (Еден) за овој современ текст и процесот на работа и креирање на ликовите.
Климоска вели дека она што е навистина добро во овој современ, непосреден текст, е што комуницира со публиката, отвора големи прашања, идентитетски прашања, но преку фамилијарна драма, љубовна приказна. Ја игра Вахида, девојка со арапско потекло, цел живот живеела во Америка, се асимилирала во тоа општество, не се разликува од останатите либерални Американци. Но со текот на драмата, со доаѓањето во Израел и соочувањето со Палестина, си го пронаоѓа својот идентитет, сфаќа како била третирана цел живот, како бил асимилирана и како има чувство на пониска вредност поради нејзиното потекло.
„Тоа е едната линија на целата драма, има и соочување со она што го мразиш, сфаќање дека си во суштина она што го мразиш, некое неподнесување поради конфликотот помеѓу Израел и Палестина, тензија на национална база, религиска итн. Тоа е тоа што мислам дека е адекватно и се преведува кај нас. Иако, ако вака помислиш ова прашање е далеку, го имаме ние. Не во тој интензитет можеби, но тие тензии постојат и кај нас. Од друга страна се работи за една забранета љубов, љубов меѓу Арапката и Израелецот која не е одобрена од фамилијата, тоа често исто се случува во нашето општество со тие мешани бракови. Така што, оваа претстава е совршена за кај нас. Колку и да ја преведуваме претставата кај нас, мислам дека таа тензија што се случува таму има посериозен карактер, на многу посериозно ниво кое не смееме да го занемариме“, вели Климоска.
Трпкоска вели дека делото за читање е страшно питко, многу лесно допира до читателот и тоа е можеби и најголемата замка. Имала чувство како што лесно оди читањето, така ќе тече и креирањето, процесот и воопшто целата претстава. Напротив, додава таа, тоа е голема замка, лесно е како песна за читање, но за соживување со ликовите, прекомплицирано.
Трпкоска игра војничка од Израел која кога доаѓа во физички допир со спротивставената страна, ѝ се менува погледот на светот и се доведува во прашање сѐ што претходно знаела и мислела за спротивната страна.
„Можеби како никогаш досега не сум се посветила толку длабоко на читање, односно, разбирање или слушање на читањето на ликовите на колегите за да дојдам до мојот лик. Мојот лик е како лепак, како н. з. с. кој го носи надворешниот свет и им дава поширок контекст на останатите ликови. Сега како глумица имав првпат прилика да држам оружје, па си реков ова е толку едноставно, само го спушташ и велиш: ‘Јас ова не го сакам, јас не учествувам’. И не знам како тоа не го прави никој, напротив, нам војната ни е во дворот. Војната е блиску, но не знам ние колку гледаме оти сме загрижени со поситни работи, со некаков тесен круг. Баш сум љубопитна како ќе комуницира оваа претстава во вакви околности“, вели Трпкоска.
Климоска додава: „Да, војната постои, тука е, но сметам дека последните години се работи на тоа да се надмине, да пробуваме да живееме заедно, да не зборуваме веќе за разликите на тој идентитет, туку на сличностите. Дури јас понекогаш велам, мулти-култи општество сме, каде сите заедно живееме, што веќе не може ни да се препознае . Исти сме, тие сме, а тоа прашање го обработува и оваа претстава“.
Трпкоска и Климоска во сцена од претставата. (Фото: К. Галевски)Во претставата играат и Дамјан Цветановски (Еитан), Звездана Ангеловска (Леа), Николина Кујача (Нора), Емил Рубен (Етгар), Никола Ристановски (Давид), Петре Арсовски (Вазан), Сашка Димитровска (Болничарка), Драгана Костадиновска (Лекарка).
Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска, а драматург е Јелена Мијовиќ. Сценографијата на претставата е на Бранко Хојник, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска и композитор е Ирена Поповиќ-Драговиќ.
По премиерата, следните изведби се закажани на 20 и 21 декември, како и на 30 и 31 јануари 2023.
Б. НЕСТОРОСКА