Не можам да поверувам дека еден ваков закон како Предлог-законот за употреба на македонски јазик е заглавен во Собранието и дека наидува на какви било препреки, вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Разгледувањето на Предлог-законот во собраниската Комисија за култура почна на 8 јуни, откако претходно Министерството за култура, кое е предлагач, од јануари организираше неколку јавни трибини, на кои се разговараше за забелешките на текстовите.
Целта на законот, како што вели Министерството за култура, е подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба во јавната и во службената комуникација, почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во таа насока.
„Предлог-законот за македонски јазик сѐ уште е во Собранието. Овој закон не е променет уште од 1998 година. Јас постојано апелирам до пратениците и не можам да поверувам дека еден ваков закон наидува на какви било препреки“, кажа министерката на брифингот со новинарите.
Таа апелирала и до претседателот на Комисијата за култура да закаже седница, но уште нема повратен одговор.
„Ќе разберев да беше некој друг закон, да се соберат политички поени, но не и за овој Предлог-закон, особено во време кога гледаме дека имаме сѐ понеправилна употреба на јазикот и имаме потреба од лектори, поинаков механизам, но и од Инспекторатот кој треба да се направи. Секоја друга мерка што ќе ја предложиме како Влада ќе биде залудна доколку не се изгласа овој закон. Додека не се донесе законот, ние сме во една непријатна статус кво ситуација“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Додава оти се надева дека многу брзо законот ќе се стави на дневен ред, ќе оди на амандманска расправа и ќе се изгласа. Министерката исто така кажа дека има голем интерес за полагање лекторски испит и дека тоа многу ја радува.
Формирање Инспекторат за македонски јазик, стипендирање студенти за изучување на македонскиот јазик во сите три циклуси на високото образование и задолжително изчување на македонскиот јазик во два семестра и на државните и на приватните универзитети се дел од новините кои ги содржи Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик.
Со новиот закон, според предлагачот, ќе се прошират областите во кои што задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат: општите и поединечните акти на законодавната, извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа и службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката.
„Со Предлог-законот ќе се даде правна основа за донесување национална стратегија за македонскиот јазик. Министерството за образование и наука ќе објавува конкурси за стипендирање кадар за изучување на македонскиот јазик. Како и досега, и со овој закон проверката на потребното стручно знаење за лекторирање ќе се врши преку полагање испит за добивање лекторска лиценца. За вршење инспекциски надзор на примената на законот се предлага основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во составот на Министерството за култура со својство на правно лице“, стои, меѓу другото, во Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик.
Б. НЕСТОРОСКА