НЕЛА ВИТОШЕВИЌ ВО МНТ ЈА РЕЖИРА „ЗАМИСЛИ НОВ СВЕТ“ КАКО ПАТУВАЊЕ НИЗ ДРАМИТЕ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

    НЕЛА ВИТОШЕВИЌ ВО МНТ ЈА РЕЖИРА „ЗАМИСЛИ НОВ СВЕТ“ КАКО ПАТУВАЊЕ НИЗ ДРАМИТЕ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИРежисерската Витошевиќ на почетокот на пробите за „Замисли нов свет“. (Фото: МНТ)

    Режисерката Нела Витошевиќ во Македонскиот народен театар (МНТ) ја режира претставата „Замисли нов свет“, копродукциски проект помеѓу „Сектор филм“ и МНТ. Претставата се најавува како колаж од делата на еден од најзначајните македонски драмски автори Горан Стефановски, односно драмската предлошка е составена од култни драмски сцени кои тематски се поврзуваат и надополнуваат. Преку овој омаж тимот сака да отвори важни општествени прашања и низа приказни кои произлегуваат од нашата заедница.

    Витошевиќ вели дека низ постдрамски пристап ќе даде свое видување на творештвото на авторот, преку сегменти сплотени и ресоздадени во една фрагментарна структура.

    „Драматизацијата на Ана Ристоска-Трпеноска претставува патување низ драмите на Стефановски во кое преку добро препознатливи сцени и реплики ќе се отворат прашања за нашата традиција, идентитетот, за миграцијата, за љубовта и загубата, за семејните конфликти, за разделбата од домот и блиските како и за примарната човечка потреба за поврзување. За суштинските работи кои нѐспојуваат како луѓе наспроти поделбите кои ги познава човештвото. Претставата ќе проба да ја продлабочи социјалната и емоционална слика на нашето секојдневие кое Стефановски го претставил на едноставен, но впечатлив начин.
    Драмите на Горан до ден денес пленат со нивната актуелност и универзалност и отвараат простор за општествена дебата. Од овие причини тие се секогаш интригантни за реобмислување и поставување“, вели Витошевиќ.

    Театарскиот проект „Замисли нов свет“ е инициран од Телеком, во рамки на иницијативата #НаправиМесто со која се адресираат предизвиците со кои се соочуваме како општество и се повикува за нивно надминување.

    Играат Игор Ангелов, Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски. Музиката е  на композиторот Огнен Анастасовски, сценографијата на Константин Трпеноски, а костимите на Роза Трајчевска-Ристоска.

    Претпремиерата и премиерата на „Замисли нов свет” се закажани за 16 и 17 декември, а претставата понатаму ќе биде дел од репертоарот на МНТ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира