НЕМА КОНЦЕРТ ИЛИ ТУРНЕЈА БЕЗ „ТЕШКОТО“ И „НЕВЕСТИНСКОТО “ – „ТАНЕЦ“ ГИ СОБРА АНТОЛОГИСКИТЕ ОРА ВО МОНОГРАФИЈА

    НЕМА КОНЦЕРТ ИЛИ ТУРНЕЈА БЕЗ „ТЕШКОТО“ И „НЕВЕСТИНСКОТО “ – „ТАНЕЦ“ ГИ СОБРА АНТОЛОГИСКИТЕ ОРА ВО МОНОГРАФИЈА„Невестинското оро“ на Трајко Прокопиев во изведба на Ансамблот на народни песни и ора „Танец“ на Новогодишниот концерт. (Фото: М. Аргакијева )

    „Тешкото“ и „Невестинското“, ората без кои не може да се замисли ниту еден концерт во државава и во странство на Ансамблот за народни песни и ора „Танец“, како и уште осум други антологиски ора се дел од монографијата „Остани во чекор“, која излезе неодамна. Книгата беше промовирана на Новогодишниот концерт на „Танец“ и прославата на 70-годишниот јубилеј, а достапна е во книжарниците „Литература.мк“ на издавачот „Арс Ламина“.

    Книгата на Кирил Тодевски ги содржи сите нотографии на кореографските постановки направени од музикологот Марко Коловски

    Во книгата, покрај авторскиот текст на етномузикологот Кирил Тодевски посветен на десетте антологиски кореографии од репертоарот на „Танец“ (кореографиите „Тешкото“, „Невестинско“, „Комитско“, „Седенка“, „Драчевка“, „Осоговка“, „Водарки“, „Тресеница“, „Тропнало оро“ и „Свадба“), се поместени и сите нотографии на кореографските постановки направени од музикологот Марко Коловски.

    „Ората се антологиски од повеќе аспекти. Создадени се во периодот од 1949 до 1968 и го положиле тестот на времето. Создадени се од корифеите на македонската уметност и култура како: Дојчин Матевски, Глигор Василев-Гиле, Јонче Христовски, Трајко Прокопиев, Ѓорѓи Димчевски, Атанас Коларовски.
    И денес после години активно постојат на најизведуваниот репертоар на ‘Танец’. ‘Тешкото’ и ‘Невестинското’ се речиси неизоставни, па со нив се почна и последниот Новогодишен концерт. Турнеите во странство не можат да се замислат без ‘Тешкото’ и ‘Невестинското’ на Трајко Прокопиев, ‘Драчевка’ на Атанас Коларовски, ‘Седенка’ на Глигор Василев-Гиле“, ни рече Бранка Костиќ-Марковиќ, уметничка директорка на „Танец“ и стручен рецензент и координатор на проектот за монографијата.

    Книгата ги содржи основните информации, има архивски фотографии од „Танец“, но и специјални, нови направени со 10 играорци , од фотографката Маја Аргакијева

    Костиќ-Марковиќ вели дека идејата е „Остани во чекор“ е да биде само првата книга од едицијата посветена на сите (досега околу 90 кореографии правени за Танец), но и прва од циклусот публикации посветени на репертоарот, играорците, пејачите, музичарите, кореографите.

    „Намерно, во договор со авторот Тодевски и со ‘Арс Ламина’, фокусот е ставен на визуелниот изглед, едноставната содржина, нотографскиот материјал за да може секој еден домашен, но и странски љубител на музичко-сценскиот фолклор да земе да ги засвири ората и песните кои се дел од кореографиите, да ги види оригиналните носии во кои се играат и да види како тие постановки изгледаат на сцена. Книгата ги содржи основните информации, има архивски фотографии од Танец, но и специјални, нови направени со 10 играорци од ‘Танец’, специјално за книгата од фотографката Маја Аргакијева. Изборот од историските фотографии го направи Светлана Ќириќ. Стручната редакција од етномузиколошки и етнокореолошки аспект беше моја и задача на Катерина Кузманоска“, вели уметничката директорка.

    „Невестинското“ и „Тешкото“ се ората без кои не може да се замисли ниту еден концерт во државава и во странство (Фото: М. Аргакијева )

    Директорот на „Танец“, Мартин Вучиќ вели дека „Танец“ е македонски бренд, подвижен музеј со илјадници концерти дома и надвор, со огромен фонд на народни ора, песни, инструментални мелодии, оригинални носии и прекрасни кореографии. „Тој е еден од клучните чувари на македонската духовна култура, но и нејзин промотор и современ интерпретатор. ‘Танец’ има поставено високи стандарди на негување и обработка на македонската песна, игра и свирка уште во 1949 година и нив ревносно го почитува сиве овие години“, вели Вучиќ.

    Според директорката на издаваштво на „Арс Ламина“, Бранка Бугариска, подготвувањето на секоја монографија е комплексна задача, бидејќи треба да задоволи цела низа не само објективни, туку и субјективни критериуми.

    „Остани во чекор“ е прва од циклусот публикации посветени на репертоарот, играорците, пејачите, музичарите, кореографите

    „Монографијата не само што треба да биде документаристички комплетна и коректна, туку и да изгледа убаво. Но, подготвување на оваамонографија со себе носеше посебна тежина. ‘Танец’, со својата повеќедецениска традиција, постави и продолжува да поставува многу високи уметнички стандарди, а тие стандарди оваа книга требаше соодветно да ги отслика. Се надевам дека барем до некаде успеавме во тоа“, вели Бугариска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира