НИЕ РАСТЕВМЕ СО ПУБЛИКАТА, А ГОРДОСТ Е КОГА ПОСЛЕ СЀ, СЕ ПАМЕТАТ ИСКРЕНИТЕ ДЕТСКИ ОЧИ, РЕКОА КЛИНЧЕ И ЧАДИКОВСКИ, ЛАУРЕАТИТЕ НА 60. „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“

    НИЕ РАСТЕВМЕ СО ПУБЛИКАТА, А ГОРДОСТ Е КОГА ПОСЛЕ СЀ, СЕ ПАМЕТАТ ИСКРЕНИТЕ ДЕТСКИ ОЧИ, РЕКОА КЛИНЧЕ И ЧАДИКОВСКИ, ЛАУРЕАТИТЕ НА 60. „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“Клинче и Чадиковски беа долгогодишни директори на Турскиот театар во Скопје и на Театарот за деца и младинци. (Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“)

    Оваа награда не е крај, дава уште поттик и делото не завршува со награда, сѐ додека има сцена, публика, деца и приказни, театарот ќе продолжи да живее, рекоа доајените на македонскиот театар Атила Клинче и Љубомир Чадиковски, едни од лауреатите на наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Клинче и Чадиковски беа долгогодишни директори на Турскиот театар во Скопје и на Театарот за деца и младинци.

    Шеесеттото издание на фестивалот свечено беше отворен синоќа во полната сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Со бурни аплаузи, што траеја и по неколку минути, беа поздравени добитниците на наградите за животно дело и членови на нивните семејства: Атила Клинче, Веби Ќерими, Сашо Миленковски и Љубомир Чадиковски.

    „Зад мене се 44 години како актер, директор на институција и професор. Тоа е мојот скромен придонес за афирмација на македонскиот театар и на турската заедница во земјава и надвор од неа. Им благодарам на мојата драга колешка Ана Стојаноска, на колегите од фестивалот што ме удостоија со вака значајна и престижна награда и вие, публико, со вас пораснавме. Не мислам дека е крај, наградата ми дава уште поттик“, рече Клинче.

    Актерот Веби Ќерими им се заблагодари на сите кои се заложија за оваа награда и на своите колеги од Албанскиот театар за безрезервната поддршка.

    Актерот Веби Ќерими и ќерката на Сашо Миленковски, Сара Миленковска. (Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“)

    Во име на режисерот Сашо Миленковски, наградата ја прими неговата ќерка Сара Миленковска, која рече:

    „Овој фестивал го има препознато неговиот храбар и нов пристап кон театарот. Како ќерка на режисер и сестра на режисерка, сум имала привилегија да растам во театарот и околу театарот и на сите можни начини знам колку е значајно да се вложува во театарот и да останеме храбри и достојни“.

    Чадиковски рече дека оваа награда не е само лично признание, туку признание за еден пат, за години поминати во театарот на сцена, меѓу сценографии, режисери, деца и млади.

    „По професија сум архитект, но судбината ме однесе на сцената, која секогаш ми беше простор да се исполни со идеја, емоции и светлина. Имав чест да создадам светови што траеја кратко на сцената, но долго остануваа во сеќавање на публиката. Посебно место во мојот живот има Театарот за деца и младинци. Децата заслужуваат уметност, младите заслужуваат сцена. Тој театар не е мал, оти детската публика не може да се измами. Кога човек ќе погледне наназад, ги паметите луѓето на сцена, режисерите, техничарите и, секако, публиката, детските очи. Оваа награда е за сите што веруваа во театарот кога не било лесно“, кажа Чадиковски.

    Министерот за култура и туризам Зоран Љутков кажа дека објектот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ е затворен од лани поради безбедносни причини.

    „Еден град без театар навистина е град без душа. А, културата, колку и да е скапа, секогаш е поевтина од некултурата што доаѓа по неа. Како министер за култура, немам намера да се однесувам како проблемот да не постои. Објектот на Народниот театар ‘Војдан Чернодрински’ е затворен од март минатата година поради сериозни безбедносни недостатоци. Тоа е недозволива состојба за институција со 75-годишна традиција, со повеќе од 400 премиери и над два милиона гледачи. Тоа не е само проблем на Прилеп. Тоа е прашање на достоинството на македонската култура. Проектот за целосна реконструкција на театарот ‘Војдан Чернодрински’ во Прилеп е подготвен и ќе го реализираме“ рече Љутков.

    Покровителката на Фестивалот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со уметничката директорка на Фестивалот, Ана Стојаноска. (Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“)

    По официјалниот дел, Драмскиот театар ја изведе претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски.

    На свеченото отворање му претходеше изложбата на артефакти од секаков тип во чест на јубилејот, што започна со перформанс на студентите на ФДУ, според текстови на Дејан Дуковски, а во режија на Шенај Мандак.

    Две претстави се вечерва на програмата: „Црнила“ според Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски (Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп), а од 21 часот e „Калигула“, во режија на Ѓорѓи Ризески (Народниот театар од Куманово).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира