НИКОГАШ НЕ СЕ ОСЕТИВ ПОТЦЕНЕТО ОТИ ИМАВ СРЕЌА ДА РАБОТАМ СО ИНТЕЛИГЕНТНИ АВТОРИ, ВЕЛИ ДАРИА Д’АНТОНИО, КИНЕМАТОГРАФЕРКА НА „БОЖЈАТА РАКА“ НА СОРЕНТИНО

    НИКОГАШ НЕ СЕ ОСЕТИВ ПОТЦЕНЕТО ОТИ ИМАВ СРЕЌА ДА РАБОТАМ СО ИНТЕЛИГЕНТНИ АВТОРИ, ВЕЛИ ДАРИА Д’АНТОНИО, КИНЕМАТОГРАФЕРКА НА „БОЖЈАТА РАКА“ НА СОРЕНТИНОДариа Д'Антонио е е специјална гостинка на „Браќа Манаки“, а „Божјата рака“ е вечерва во конкуренција за награди. (Фото: ИФФ Манаки)

    Дариа Д’Антонио, една од водечките италијански и европски кинематограферки, е специјална гостинка на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола со гала-проекцијата на „Божјата рака“, наградуваниот филм на Паоло Сорентино, лична емоционална сторија на авторот за Неапол од 1980-те години, кој вечерва игра во конкуренцијата за награди.

    „Имам огромно задоволство што можам да зборувам за филмот кој не само што го прикажува градот Неапол, туку и мојата страст кон филмот. Сакам да го споделам со вас задоволството што ми го овозможил филмот, бидејќи сиве овие изминати години имав прилика да работам со луѓе што ги сакам, и мислам дека тоа е спас за мене како кинематограферка, бидејќи е голема привилегија да се работи она што се сака“, рече Д’Антонио, родена во Неапол во иста генерација со Сорентино.

    Рече дека во младоста ѝ било тешко да се изрази се до моментот кога ја открила фотографијата: кога ја развила првата слика во темната комора почувствувала дека тоа е откритието што потоа ѝ го обележало животот. Но, потоа го открила и филмот како израз, но и како шанса да комуницира на поинаков начин.

    Д’Антонио вели дека е свесна оти е една од малкуте кинемнатограферки во Италија, но тоа никогаш не ѝ било некој лимит, бидејќи смета дека луѓето ја перцепираат според работата и креацијата. (Фото: ИФФ Манаки)

    „Филмот ми откри дека можеме да комуницираме и без зборови, да го правам она што отсекогаш ми се допаѓало – да гледам на нештата со различен тип на учество. Многу ѝ должам на оваа професија и тимскиот дух во работата на филм“, рече Д’Антонио.

    На прашањето колку е тешко да се биде ѕвезда, не само во Италија туку и на меѓународен план, во една професија која традиционално се смета за машка, Д’Антонио кажа дека е свесна оти е една од малкуте кинемнатограферки во Италија, но тоа никогаш не ѝ претставувало некој лимит, бидејќи смета дека луѓето ја перцепираат според работата и креацијата.

    „Никогаш не сум си го поставила прашањето дека сме малку жени зад камерата. Никогаш не се почувствував потценето бидејќи имав среќа да работам со интелигентни автори. Машката доминација во филмот во Италија можеби е најмал проблем во споредба со доцнењето на многу општествени процеси во споредба со Франција, на пример, како што се законите за развод и абортус. За среќа, се менуваат и мажите и ситуацијата“, вели Д’Антонио.

    Рече дека режисерите од италијанскиот неореализам ѝ се пример, а омилени автори ѝ се Лукино Висконти, Виторио Де Сика, Пјер Паоло Пазолини, како и американскиот режисер Теренс Малик, од кого многу научила.

    „Многу работев со италијанскиот кинематографер Лука Бигаци, и научив да сфатам многу работи за себеси. Благодарна сум му, бидејќи научив како функционираат многу работи на филмскиот сет“, рече Д’Антонио.

    Говорејќи за „Божјата рака“ и улогата на Неапол во него, Д’Антонио вели дека тој град често пати бил злоупотребуван во филмските приказни, бидејќи се работи за комплексен проблем, и не се работи само за Неапол во социолошки поглед.

    „Тешко е да се опише сопствениот град, бидејќи и јас често посакувам да се разбудам еден ден и да го видам со други очи. Затоа во ‘Божјата рака’ сакав преку очите на детето да ја прикажам меланхолијата, чувството кога сме млади и кога не знаеме што носи иднината. Сакав да го постигнам токму тоа чувство на заборав за сето она што го знам, и големиот филмски формат ми помогна за да направам таа дистанца“, рече Д’Антонио.

    Запрашана за историската веродостојност на сцената во „Божјата рака“, кога група луѓе одат на аудиција за филм на Федерико Фелини, Д’Антонио кажа дека Сорентино често прави омажи на овој легендарен режисер во неговите филмови.

    „Кај Сорентино не може да недостасува Фелини“, вели Д’Антонио.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира