НОШПАЛ ДИЗАЈНИРА КОСТИМИ ЗА БАЛЕТОТ „МАЈКАТА ГУСКА“ ВО ПАРИСКАТА НАЦИОНАЛНА ОПЕРА

    НОШПАЛ ДИЗАЈНИРА КОСТИМИ ЗА БАЛЕТОТ „МАЈКАТА ГУСКА“ ВО ПАРИСКАТА НАЦИОНАЛНА ОПЕРАКостимите се комплетно бели и правени во стилот на оригами, вели Ношпал. (Фото: А. Ношпал)

    Костимографот и моден дизајнер со европска кариера Александар Ношпал ќе ги дизајнира костимите за балет во Националната опера на Париз, која ќе се игра во Палата Опера Гарние. Ношпал ни рече дека формата на балетската претстава е балетен триптих, „Концерт во Ре „/Мајката Гуска“/ „Рајмонда“ (3 чин)“. Тоа е балет од Морис Равел на тематски прикази од бајките на Шарл Перо.

    Делот што го работи Ношпал е „Мајката Гуска“, а кореограф е Мартин Шекс. Ова е шеста соработка на Ношпал со кореографот Шекс после проектите во Хрватска, Диселдорф, Москва во Бољшој и во Австрија.

    Премиерата е закажана на 15 април 2023.  (Фото: А. Ношпал)

    Сценографијата е на Камиј Дига, дизајн на светло Том Клефстад. Премиерата е закажана на 15 април 2023.

    „Костимите како и дизајнот на сцената, кој го потпишува Камиј Дига, се комплетно бели и правени во стилот на оригами, односно инспирирани од извиткани стари хартии од сликовница. Воедно, носталгијата кон минатото и имагинацијата која децата ја поседувале во времето кога не постоела технологијата и фотографијата: кога децата од хартија правеле бајковити елементи кои им помагале да влезат во улогите на познатите јунаци од овие приказни, е главниот лајтмотив на дизајнот во претставата“, ни изјави Ношпал, кој деновиве има премиера во Узбекистан.

    Костимите како и дизајнот на сцената, кој е на Камиј Дига, се комплетно бели и правени во стилот на оригами. (Фото: А. Ношпал)

    Ношпал има завршено моден дизајн на Интернационалната школа за моден дизајн ЕСМОД во Париз во 1995, како најдобар студент на генерацијата. По студиите, стажира во неколку познати париски модни ателјеа, меѓу кои модната куќа „Гре“.

    Магистерската диплома по моден маркетинг и менаџмент ја стекнал во 2008  на Универзитетот за креативни уметности во Епсом, Лондон. Двапати бил декан, на Факултетот за дизајн и мултимедија при ФОН Универзитетот во Скопје и на Факултетот за дизајн и мултимедија на Универзитетот УДГ во Подгорица.

    Како театарски костимограф и сценограф дебитирал во 1998 во Скопје со претставата „Убавицата и ѕверот“,  а до денес има реализирано над 70 театарски костимографии во многу театарски и оперски куќи во Македонија и во светот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира