НОВИОТ ДИРЕКТОР НА МОБ ИЛИЈА РАЈКОВСКИ ТВРДИ ДЕКА НЕ Е ЧЛЕН НА ГРОМ, БЕЗ ПРАШАЊЕ ГО СТАВИЛЕ ВО ЦЕНТРАЛНИОТ ОДБОР НА ПАРТИЈАТА НА СТЕВЧО

    НОВИОТ ДИРЕКТОР НА МОБ ИЛИЈА РАЈКОВСКИ ТВРДИ ДЕКА НЕ Е ЧЛЕН НА ГРОМ, БЕЗ ПРАШАЊЕ ГО СТАВИЛЕ ВО ЦЕНТРАЛНИОТ ОДБОР НА ПАРТИЈАТА НА СТЕВЧОСпоред одлуката објавена на вебстраната на ГРОМ од седницата на партиското собрание одржана на 19 февруари годинава, Рајковски е еден од 155-те членови на централниот одбор (Фото: ГРОМ/принтскрин)

     

    Новиот директор на Македонската опера и балет (МОБ) Илија Рајковски вели дека не е член на партијата Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ) на Стевчо Јакимовски и дека без негово знаење некој го поставил за член на Централниот одбор на оваа партија. Според одлуката објавена на вебстраната на ГРОМ од седницата на партиското собрание одржана на 19 февруари годинава, Рајковски е еден од 155-те членови на централниот одбор.

    ГРОМ е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ и заедно одеа и на последните парламентарни избори.

    „Не сум член на ГРОМ, некој без мое знаење и дозвола ме ставил да бидам член на Централниот одбор“, вели Илија Рајковски (Фото: Фејсбук профил на Илија Рајковски)

    Рајковски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека не знае како се нашол во Централниот одбор на партијата, кога одамна се разминале со идеологиите кои ги застапува ГРОМ.

    „Еден период јас се одалечив малку од СДСМ, иако моите убедување и на моето семејство секогаш биле социјалдемократски. Кога Стевчо Јакимовски си замина од СДСМ и ја формираше партијата ГРОМ, ми понуди да бидам член. Но откако почна ГРОМ да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво, не се сложував со таквата идеологија, и повторно се вратив во СДСМ. Не сум член на ГРОМ, некој без мое знаење и дозвола ме ставил да бидам член на Централниот одбор“, вели Рајковски.

    Претседателот на ГРОМ и градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски не одговори на нашето прашање дали Рајковски е член на ГРОМ и како тој се нашол на листата на членови на Централниот одбор на партијата.

    „Ха-ха,не знам, мора да проверам, ќе ви се јавам подоцна“, рече Јакимовски, но подоцна беше недостапен.

    „Ха-ха,не знам, мора да проверам, ќе ви се јавам подоцна“, ни рече претседателот на ГРОМ Стевчко Јакимовски, но подоцна не беше достапен да одговори дали Рајковски е член на ГРОМ и како тој се нашол на листата на членови на Централниот одбор на партијата; – од протестот против урбаната мафија во карпош на жителите на Тафталиџе на 5 јули (Фото: РадиоМоф)

    Рајковски вели дека тој не бил иницијатор да биде директор на МОБ, но одредена група луѓе околу него го предложиле како соодветен кадар за оваа фунција, со оглед на неговото 40-годишно работно искуство во оваа институција.

    „Јас бев скептик. Мислев дека моето време помина. Но благодарен сум на довербата и поддршката која ми ја даде новата Влада и ќе работам реформите кои ќе се спроведуваат во државава да допрат и до културата. Ќе се обидам да бидам хармонизатор на сите работи, со поставување на вистински луѓе на вистински места. Добро ги познавам луѓето бидејќи цел работен век сум во МОБ. Што се однесува до репертоарот, тој ќе биде со истакнати уметници без разлика на нивната определеност. Нема да ми е важна политичката определба, туку квалитетна програма и што побројна публика”, додава Рајковски, кој во понеделник официјално ќе ја преземе функцијата директор на МОБ.

    Илија Рајковски функцијата директор на МОБ ќе ја преземе од Олга Панго, која беше назначена за в.д. директор во јуни, откако еден месец претходно тогашниот директор Игор Дурловски, кој беше еден од организаторите на протестите „За заедничка Македонија” и учесник во нападот на Собранието на 27 април, си даде оставка.

    Рајковски беше директор во Македонската опера од 1999 до 2002. За време на неговото директорување со МОБ , не се одржаа Мајските оперски вечери поради бојкотот на уметниците.

    „Тоа е болка која ми остана во душата. Јас ги разбирав  вработените и нивното незадоволство. Во тој период највисоката плата во операта беше 7.000 денари. Луѓето бараа коски, не месо. Но толкав ни беше буџетот”, вели Рајковски.

    По промената на власта во 2002 е сменет и работи  во МОБ како организатор и реализатор на операта. Од 2006 е префрлен во маркетинг службата. Како што вели Рајковски, оттогаш не му се дава никаква работна задача односно 11 години бил тргнат настрана.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира