НОВИОТ ПОКРИВ E ЛЕК ЗА САРАЈОТ НА НИЈАЗИ-БЕГ ВО РЕСЕН

    НОВИОТ ПОКРИВ E ЛЕК ЗА САРАЈОТ НА НИЈАЗИ-БЕГ ВО РЕСЕННиз откриените делови влегуваа гулаби и други птици, а од врнежите прокапи таванот на подолниот кат. (Фото: СДК.МК)

    Се реставрира покривот од Сарајот на Нијази-бег, кој во јавноста е познат и како ресенски Версај. До пред некоја недела, покровјето од дворецот наликуваше на место за снимање на хорор филм со оштетени ќерамиди, трули штици, откорнати делови, прокапени тавани и неупотребливи простории од најгорниот кат. Со реставрацијата и конзервацијата, проект на Завод и музеј Битола финансиски поддржан од Министерството за култура, предвидено е објектот кој денес е Дом на културата „Драги Тозија“ да добие целосно нов покрив.

    „Според предвиденото, реализацијата на овој проект треба да се одвива во две фази, односно дел од активностите ќе бидат реализирани до крајот на годинава додека временските услови тоа го дозволуваат, а втората фаза, до заокружување на предвидените активности, би требало да се реализира во текот на следната 2022. Согласно годишната програма на Министерството за култура за изготвувањето на проектот и реализација на првата фаза годинава беа доделени околу 2,4 милиони денари (околу 40 илјади евра)“, рече Мери Стојанова, директор на Завод и музеј Битола.

    „Со рестраврацијата се прави голем чекор за поголема заштита за целиот објект“, рече директорот на Домот на култура Васко Василевски. (Фото: СДК.МК)

    Со овој проект освен конзерваторски и реставраторски зафати на покривата конструкција, предвидени се и делумни интервенции во горните, подкровни простории на објектот. Порано невладини организации одржувале свои активности во овие простории, но со руинирањето на покривот тој дел стана неупотреблив. Низ откриените делови влегуваа гулаби и други птици, а од врнежите прокапи таванот на подолниот кат.

    „Со рестраврацијата се прави голем чекор за поголема заштита за целиот објект“, рече директорот на Домот на култура Васко Василевски.

    Градоначаникот на Ресен во заминување Живко Гошаревски, неодамна соопшти дека со ова трајно се решава еден долгогодишен проблем кој е од големо значење во целокуоната заштита на нашето културно богатство. Во исто време поднесена е апликација за добивање на средства за целосна внатрешна реконструкција.

    За изготвувањето на проектот и реализација на првата фаза годинава беа доделени околу 2,4 милиони денари (околу 40 илјади евра). (Фото: СДК.МК)

    Сарајот е еден од највелелепните објекти на Балканот, граден во неокласичен стил, кој на времето му пркоси 109 години. За првпат по 39 години, државата обезбеди средства за комплетно да се реновира покривот на овој импозантен архитектонски објект со раскошна естетска убавина, некогашен дом на иницијаторот на Младотурската револуција Нијази бег, а денес Дом на културата.

    Делумна санација имаше во 2005, а во 1982 беше обновен покривот и освежено купето. Во некогашниот дворец, денеска заштитено културно наследство, се сместени Ресенската керамичка колонија, една од 10-те под закрила на УНЕСКО, како и постојаната поставка на доајенот на современото сликарство Кераца Висулчева.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира