ОБЈАВЕН КОНКУРСОТ ЗА ПРОЕКТИ ВО КУЛТУРАТА, КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА ПОВИКА ДА СЕ ПРИЈАВУВААТ МЛАДИТЕ АВТОРИ И ИЛУСТРАТОРИ

    ОБЈАВЕН КОНКУРСОТ ЗА ПРОЕКТИ ВО КУЛТУРАТА, КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА ПОВИКА ДА СЕ ПРИЈАВУВААТ МЛАДИТЕ АВТОРИ И ИЛУСТРАТОРИ„Младите автори и натаму остануваат во фокусот на нашето внимание“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска. (Фото: Министерство за култура)

    Од денеска е отворен системот за електронско пријавување на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024, а ќе биде затворен на 6 ноември во 12 часот, кажа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. И оваа година, електронското пријавување целосно ќе се спроведува преку Националниот портал за е-услуги.

    Министерката кажа дека годинава е направено дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма – креативни индустрии.

    „Тоа значи дека во Предлог-буџетот за 2024 ќе се отвори нова програма, со посебни финансиски средства. Условите, правилата и приоритетите за пријавување во новата програма за креативни индустрии се објавени на веб-страницата uslugi.gov.mk. Да напомнам дека овој посебен конкурс се однесува само на областите и активностите кои се дел од креативните индустрии, кои не се опфатени со други конкурси и кои досега немале можност да бидат финансирани. Креативните индустрии стануваат битен двигател на економиите, креираат нови работни места, носат профит, но се и промотори на културниот идентитет. Поставувањето на нова буџетска програма која ќе ги поддржи креативните индустрии е влог во нашиот интелектуален потенцијал и уште една системска поддршка на културната индустрија“, кажа таа.

    На Конкурсот, во заштитата на културното наследство ќе има 3 посебни пријави по дејности кои досега беа на иста пријава: библиотечна дејност; музејска дејност и нематеријално културно наследство; заштита на недвижно културно наследство и на аудиовизуелни добра. Според министерката, целта е да се поедностави и да се олесни процесот на пријавување, а критериумите, мерилата за оценување на пријавите и начинот на финансирање не се променети. Станува збор само за посебни пријави.

    Меѓу другите новини, министерката за култура кажа и дека во Годишниот конкурс во делот за меѓународната соработка е предвидена финансиска поддршка на иницијативи и проекти кои се во насока на унапредување на стратегискиот дијалог со САД, унапредување на соработката со државите членки на иницијативата „Отворен Балкан“, како и проекти што се во функција на поврзување со дијаспората.

    „Приоритет ќе имаат и проектите што ќе нѐ промовираат во градовите- европски престолнини на културата во 2024 , како и во земјите претседавачи со Европската Унија во 2024. Го прошируваме и списокот на поддршка, котизација за членство во меѓународни организации и асоцијации. И овие измени, во делот на приоритетите и условите во меѓународната соработка, се објавени на веб-страницата uslugi.gov.mk“, рече Костадиновска-Стојчевска.

    Таа потенцираше дека искуството од минатите годишни конкурси покажа зголемен интерес за детска литература на македонски јазик и на денешната прес-конференцира ги охрабри авторите и илустраторите да го зголемат својот придонес во квалитетот на овој конкурс.

    „Сакам да ги охрабрам и младите автори, кои и натаму остануваат во фокусот на нашето внимание“, дополни министерката за култура, која потсети дека системот автоматски го „препознава“ невниманието на корисниците кон општите услови и правила за тоа со колку проекти можат да конкурираат по дејност.

    Како што рече Костадиновска-Стојчевска, ова го нагласува за да не се случи да пропаднат добри проекти поради невнимание.

    Техничките упатства и поддршката при регистрирањето, корисниците ќе можат да ги најдат на веб-страницата uslugi.gov.mk, како и преку контакт-центарот на овој национален портал.

    Помош во делот за пријавите, од стручен аспект, корисниците и оваа година ќе може да побараат во секторите во Министерството за култура. Контактите со конкретни лица по области и нивните е-адреси се објавени на веб-страницата на Министерството за култура (kultura.gov.mk).

    Решенијата за прифатени, за одбиени или за отфрлени проекти, корисниците ќе ги добијат по електронски пат, преку Националниот портал за е-услуги.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира