ОД КОРОНАВИРУС ПОЧИНА ВИОЛИНИСТОТ И ПРОФЕСОР ЗОРАН ЏОРЛЕВ

    ОД КОРОНАВИРУС ПОЧИНА ВИОЛИНИСТОТ И ПРОФЕСОР ЗОРАН ЏОРЛЕВЏорлев беше виолинист, професор и поранешен директор на Средното музичко училиште и на „Танец“. (Фото: Твитер)

    Виолинистот и професор Зоран Џорлев почина денес во Скопје на 53 години по компликации од ковид-19, објави неговиот внук Огнен Здравковски на Фејсбук. Почина на Инфективната клиника во Скопје, по кусо боледување.

    Џорлев, музички предагог, поранешен член на оркестарот на Македонската опера и балет, телевизиски шоумен, е познат е по обработките и изведувањето на македонските народни и забавни композиции, обработки на филмски, џез, етно теми. Работел како професор по виолина и бил директор на Средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Од 2011 до 2017 беше директор на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.

    Џорлев е роден во Струмица на 10 јануари 1967 година, каде го поминал детството. Неговиот татко бил познат композитор на народна музика и водач на оркестар. Кога бил првооделенец, со семејството се преселил во Скопје. Уште во раното детство, во Струмица, започнал да свири на труба, хармоника и гитара. Во 1977 година почнал да свири на виолина, откако претходно во музичкото училиште бил одреден да свири на пијано, зашто „немал предиспозиции за виолина“. Во 1989 дипломирал виолина на Факултетот за музичка уметност. Неговите сестра и два сина се исто така пејачи и музичари.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира