ОД СЕКОГО ОД НАС ЗАВИСИ КОЛКУ ЌЕ СЕ ОСВЕСТИМЕ И АКТИВИРАМЕ ЗА ПРОМЕНИ, ВЕЛИ АКТЕРКАТА АЊА МИТИЌ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „КАТАТОНИЈА“ ВО МНТ

    ОД СЕКОГО ОД НАС ЗАВИСИ КОЛКУ ЌЕ СЕ ОСВЕСТИМЕ И АКТИВИРАМЕ ЗА ПРОМЕНИ, ВЕЛИ АКТЕРКАТА АЊА МИТИЌ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „КАТАТОНИЈА“ ВО МНТМатична куќа на Митиќ е Драмски театар, но гостува во „Кататонија“ чија премиера на 3 јуни во копродукција на скопскиот „Вондерленд театар“ и МНТ. (Фото: К. Попов)

    „Претставата нѐ прозива сите нас да се разбудиме и да го дадеме најдоброто од себе – секој во рамките на своите знаења, вештини и можности за справување со нефункционалностите и проблеми со кои секојдневно се среќаваме во денешницата“, вели актерката Ања Митиќ, пред премерата на претставата „Кататонија“ во режија на Васил Христов на 3 јуни во Македонскиот народен театар (МНТ). Матична куќа на Митиќ е Драмски театар, но гостува во „Кататонија“, копродукција на „Вондерленд театар“ од Скопје и МНТ.

    Претставата е работена по мотиви на драмскиот текст на британската авторка Алис Бирч, која има работено на сценарија за популарните и наградувани ТВ-серии „Следоред“ (Succession) и „Нормални луѓе“ (Normal People).  Драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Според најавата за претставата,  „се проблематизираат прашања поврзани со патријархатот, правосудниот систем, соочувањето со кривичен прогон, одземена слобода, затворски услови, соочување со злосторство“, се чини како да гледаме буквално денешна слика на Македонија.

    Со Митиќ разговаравме за тоа што е  пораката, кому е наменета и дали смета дека ќе ја разберат и ќе се подзамислат оние на кои им е наменета.

    „Токму така, ја гледаме денешната слика на Македонија, но не само на Македонија. Претставата е работена по мотиви од опусот на драмската авторка Алис Бирч и темите и проблемите кои таа ги обработува се еднакво глобални колку и локални. Покрај темите и проблемите кои ги набројавте, текстот и претставата ја проблематизираат и нефункционалноста на институциите на системот, зборува за распаѓањето на семејствата, болестите на зависност, родово базираното насилство, алармантниот недостаток на емпатија и солидарност со која секојдневно се соочуваме сите ние, а особено луѓето кои живеат на маргините.  За жал, сите овие проблеми се актуелни во нашето општествено опкружување, но индивидуално од секого од нас, зависи колку ќе сакаме да се освестиме и активираме. Искрено се надевам дека ќе допре пораката“, вели Митиќ.

    Преку 24 различни приказни и голем број различни ликови, се проблематизираат прашањата, а Митиќ игра ликови кои се различни меѓусебно, но она што им е заедничко е тоа што се жени од општествените маргини.

    „Ја сведочиме нивната борба, инстинктот за опстанок и силата која успеваат да ја најдат дури и во најтешките околности“, вели таа.

    Митиќ вели дека со оглед на тоа дека Бирч е авторка чијшто јазик и стил на пишување е непосреден, моќен, директен и кореспондира со сензибилитетот на публика од различни генерации вклучително и на младата публика, верува дека ќе биде плус провокација за младата публика да дојде на претставата.

    Во претставата играат и Игор Ангелов, Сања Арсовска, Верица Недеска, Дениз Абдула, Владимир Петровиќ, Јасмина Василева, Јасмина Билаловиќ. Костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а  сценографијата е на Христов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира