ОД СКОПЈЕ САМО ИМЕТО ГО САКАМ, ОТИ МИ ЅВОНИ ВО УШИТЕ НА СПОМЕНИ, ВЕЛИ ИЛИЈА ПЕНУШЛИСКИ ЗА НОВАТА ИЗЛОЖБА „ГРАДОТ“

    ОД СКОПЈЕ САМО ИМЕТО ГО САКАМ, ОТИ МИ ЅВОНИ ВО УШИТЕ НА СПОМЕНИ, ВЕЛИ ИЛИЈА ПЕНУШЛИСКИ ЗА НОВАТА ИЗЛОЖБА „ГРАДОТ“„Не го сакам веќе Скопје. Јас сум роден скопјанец, цел живот сум во Скопје, но на Водно не сум се качил, фудбал не сум шутнал, такво ми беше и друштвото, ние бевме повеќе по шах, карти, женски и кафеани“, вели Пенушлиски пред утрешното отворање на изложбата во галеријата „Акантус“ (Фото: К. Попов)

    Мистериозни облаци од Париз, тајни улици и кошер ресторани од Рим, куќи, кули, мостови, бротчиња, скршени градови, измислени градови доминираат во новата изложба „Градот“ на еден од најреномираните македонски сликари Илија Пенушлиски, која се отвора утре во 19 часот во галеријата „Акантус“ во скопско Дебар Маало. Пенушлиски (72), кој за првпат во својата плодна и светска кариера работи со дигитална графика, изложува 39 дела.

    „Познавам раскошни градови. Сум видел и грди градови. Го знаев и го сакав Скопје. Сликам градови со децении. Ме опседнуваат. Од магијата на градот не можеш да побегнеш“, пишува уметникот во каталогот.

    Пенушлиски изложбата му ја посветува на својот пријател, режисерот и амбасадор Љупчо Тозија кој почина лани, а во каталогот за изложбата е отпечатена и песната „Градот“ (The Town) од Френк Синатра (Фото: К. Попов)

    На прашањето зошто вели дека го сакал Скопје, Пенушлиски вели: „Оти не го сакам веќе. Јас сум роден скопјанец, цел живот сум во Скопје, но на Водно не сум се качил. Чист воздух не ми годи на здравјето. Фудбал не сум шутнал, такво ми беше и друштвото, ние бевме повеќе по шах, карти, женски и кафеани. Денес од Скопје ми се допаѓа само името,  ми ѕвони во ушите, ме потсетува на еде град кој веќе го нема. Скопје беше град со дух. Сега не можам да откријам ниедна улица што нема да ме извади од памет“.

    Измислени градови, скршени градови се во фокусот на новата изложба насловена „Градот“ (Фото: К. Попов)

    „На Скопје му се случија две катаклизми, земјотресот 1963 и Скопје 2014. Првпат го видов Скопје по земјотресот од Железничкиот мост. Душата ми се скина.  Се утепав од плачење. Тоа беше мојот град. Но, што сака човек од еден град? Не е само архитектурата, не се само луѓето, тоа е еден меланж од настани и од сопствени спомени. Скопје имаше дух, ако беше мал град, се однесуваше поградски отколку денес. Да не почнувам за ова што се случи за Скопје 2014. Откако се случи, центарот е забранета зона за мене. Не можам да ја поднесам таа грдотија“, рече Пенушлиски.

    Пенушлиски, кој за првпат во својата плодна и светска кариера работи со дигитална графика, изложува 39 дела (Фото: К. Попов)

    Пенушлиски изложбата му ја посветува на својот пријател, режисерот и амбасадор Љупчо Тозија кој почина лани, а во каталогот за изложбата е отпечатена и песната „Градот“ (The Town) од Френк Синатра.

    „Никој не може да се ослободи од сеќавањата. Носталгијата е моќно оружје“, вели Пенушлиски за посветата.

    Уметникот кажа дека до неодамна многу патувал, и кога одел во некоја нова или веќе позната средина не се задржува многу по музеи. Кога оди да гледа сликарство, точно знае што сака да гледа. Ќе го види Веласкез, Ел Греко, евентуално Тицијан и не останува повеќе од еден час.

    Дијана Томиќ-Радевска, Илија Пенушлиски и Бојан Д. Георгиевски од „Акантус“ (Фото: К. Попов)

    „Немам друга работа ќе гледам сликарство, доста ми е моето. Затоа жена ми не сака со мене да патува, само кровови гледам, бележам ќошиња, улици, повеќе ме интересира просторот во кој живееме отколку просторот кој живее во сликите“, вели тој.

    Пенушлиски вели дека никогаш не бил вљубеник во големи изложби и чести излагања. Тоа му се чинело малку чаламџиски, како еден вид додворување на публиката. За да се случи нова изложба треба да се случи  вистински повод, некој сериозен напредок.

    „Сликарот не смее да биде зихераш. Оваа изложба е резултат на мојата љубопитност, обид да пливам во непознати води. Сакав да ги истражам можностите што ги нудат новите технологии“, вели уметникот, чија последна изложба беше пред девет месеци во Културно-информативниот центар.

    „Немам друга работа ќе гледам сликарство, доста ми е моето. Затоа жена ми не сака со мене да патува, само кровови гледам, бележам ќошиња, улици, повеќе ме интересира просторот во кој живееме отколку просторот кој живее во сликите“, вели Пенушлиски (Фото: К. Попов)

    Изложбата ќе биде отворена до 26 јуни.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира