И од три километри далечина би познала дека ова е дело на Чемерски, кажа американската амбасадорка Анџела П. Агелер на претставувањето на реставрираниот монументален Споменик на слободата во Кочани. Споменикот од 2022 се реставрираше со американски грант од 254.300 долари преку Амбасадорскиот фонд на САД за зачувување на културата. Грантот го доби Општина Кочани од Амбасадата на САД во Скопје. Ова е прва поддршка од овој фонд за реставрација на споменик од современата македонска уметност што ја чествува и борбата против фашизмот.
Споменикот е изграден на ридот Локубија на северозападната страна на градот. Уметничко-архитектонското решение е на Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ. Граден е во периодот 1975-1977 од Општина Кочани, а целосно е завршен во 1981.
„Многу сум возбудена. Сега откако е реставриран, на овој споменик не може ништо да му се случи. Ги паметам приказните со колку љубов се градел и дека жителите на Кочани помагале носејќи материјали”, кажа уметницата Елена Чемерска, ќерката на Глигор Чемерски.
Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, рече дека се надева оти ова место ќе биде собиралиште на кочанчани и на луѓето од цела Македонија. Министерот за култура Зоран Љутков рече дека во буџетскиот план на Владата за 2025 има предвидени средства за реставрација на објекти од културното наследство, но помошта од партнери како Амбасадата на САД е секогаш добредојдена.
„Огромна привилегија е што сме дел од овој проект. Македонија има и друго вредно културно наследство, како Свети Спас, Чифте амам и Стоби, но овој објект е најмодерен”, додаде амбасадорката Агелер.
Споменикот се нарекува и Тврдина или Храм на слободата и е од огромно значење за поновата македонска уметност. На комплексот со отворени бетонски ѕидни конструкции се аплицирани 335 квадратни метри мозаични прикази на историската борба на македонскиот народ за слобода, од Илинденскиот период до НОБ.
Елизабет Ален, потсекретарка за јавна дипломатија и односи со јавноста на Стејт департментот на САД, во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК при посетата на 20 мај годинава, рече дека секогаш бараат можности да ја истакнат борбата за демократија и да застанат во согласност со демократските вредности, па, ќе ги разгледаат и можностите и за поддршка за реставрација на многуте споменици кои ја чествуваат борбата на македонскиот народ против фашизмот во Втората светска војна.
М. ЏАРОВСКА