ОДЛИЧЕН ПРИЕМ НА „ПРЕЕКСПОНИРАНО“ НА СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА ВО КАИРО, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА ВЕНИНОВА

    ОДЛИЧЕН ПРИЕМ НА „ПРЕЕКСПОНИРАНО“ НА СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА ВО КАИРО, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА ВЕНИНОВАВеселинов, Венинова, Тоциновски и Кралевски на синоќешната премиера во Каиро. (КИФФ)

    „Преекспонирано“, дебитантскиот игран филм на режисерката и сценаристка Елеонора Венинова, синоќа имаше светска премиера на 44. Меѓународен филмски фестивал во Каиро. Филмот игра во официјална селекција меѓу 15 наслови за наградата Златна пирамида, на фестивалот кој спаѓа во А-категорија. Годинава жирито го води реномираната јапонска режисерка Наоми Кавасе.

    „Одлична премиера на ‘Преекспонирано’ на Интернационалниот фестивал во Каиро проследена со прашања од публиката. Заради големиот интерес, режисерката, актерите и продуцентот на филмот одговараа на многубројните прашања од публиката дури и по завршувањето на официјалниот дел“, велат од продукцијата „ДНФ филмс“.

    Венинова и Тоциновски на разговор со публиката по премиерата. (Фото: КИФФ)

    Венинова работела десет години на филмот, кој се снимаше во вонредни услови во време на пандемијата на ковид-19. Таа го дефинира филмот како психолошка драма, која делумно е инспирирана од вистински настани. Во главни улоги се Благој Веселинов, Камка Тоциновски и Сара Климоска, двете актерки кои соработуваа и во последните два филма на Милчо Манчевски, „Врба“ и „Кајмак“.

    Тоциновски и Веселинов на разговор со публиката по премиерата. (Фото: КИФФ)

    „Во фокусот е брачна двојка која престојува во својата викенд-куќа во Охрид и нивните мир и брачна идила се нарушени од доаѓањето на една тинејџерка, која е ќерка на нивни блиски пријатели. Нејзините емоции, присуство и тинејџерски проблеми ќе ги натераат да го преиспитаат својот брачен живот“, изјави режисерката Венинова на 18 октомври.

    Продуцент на филмот е Гоце Кралевски. Директор на фотографија е Лев Предан Коварски од Словенија, композиторка на оригинална музика е Линдзи Рајт од Велика Британија, сценограф е Срѓан Митровиќ од Србија, а костимографка е Жаклина Крстевска. Покрај Агенцијата за филм на Северна Македонија, филмот беше поддржан и од Филмскиот институт на Србија и европскиот фонд Еуримаж.

    Во македонските кина ќе игра напролет.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира