ОХРИДСКО ЛЕТО ВО ДОБА НА КОРОНА ЗВУЧИ КАКО НАСЛОВ НА РОМАН, ВЕЛИ ДРАМСКИОТ СЕЛЕКТОР АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ ПРЕД СТАРТОТ НА ФЕСТИВАЛОТ НА 4 АВГУСТ

    ОХРИДСКО ЛЕТО ВО ДОБА НА КОРОНА ЗВУЧИ КАКО НАСЛОВ НА РОМАН, ВЕЛИ ДРАМСКИОТ СЕЛЕКТОР АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ ПРЕД СТАРТОТ НА ФЕСТИВАЛОТ НА 4 АВГУСТМузичката селекторка на Фестивалот Охридско лето Даница Стојаноца и директорката Наташа Поповиќ на денешната прес-конференција ја најавија програмата за јубилејното 60.издание кое ќе се одржи од 4 до 30 август. (Фото: Охридско лето)

    Годинашното јубилејно издание на најголемата сценско-музичка маинфестација во земјава Охридско лето, почнува на 4 август во знакот на основоположникот оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ.
    Фестивалот секоја година се одржуваше од 12 јули до 20 август, но годинава се помести поради пандемијата со ковид-19.

    Отворањето во Антички театар е со концертот на арии насловен како „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“ во изведба на солистите: Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ.

    Директорката на Фестивалот, Наташа Поповиќ на денешната прес-конференција кажа дека на отворените сцени, Антички театар, Долни Сарај, Предворје на „Св.Софија“, како и Црквата „Св. Софија“ од 4 до 30 август ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, Србија, Италија, Хрватска, Велика Британија, Турција, Франција, Русија, Грција, Германија, САД, Босна и Херцеговина, Полска, Словенија, Косово, Чешка, Албанија и голем број уметници од земјава.

    Селекторката на музичката програма Даница Стојанова рече дека годинешнава јубилејна програма ќе содржи 26 концерти од кои два се во офф-програмата.

    „Програмата има прекрасна динамика, од самиот почеток до крајот претставува една голема музичка приказна која ќе го одбележи големиот јубилеј од 60 години на фестивалот и ќе ја прослави Уметноста преку различни музички композиции. Ќе чуеме дела од најраниот барок, преку класиката, романтизмот, импресионизмот, до современите светски автори како и дела од македонското класично творештво“, изјави Стојанова.

    На фестивалската сцена ќе настапат врвни имиња како пијанистите Наталија Трул од Русија, Кемал Гекиќ- САД, Фукио саксофон квартет од Шпанија, Дуо Улуџан од Турција, косовскиот гитарист Петрит Чеку,  Келнскиот гудачки секстет од Германија,  од македонската сцена Марија Ѓошевска, хорскиот ансамбл „Про Арс“ со маестро Сашо Татарчевски, Гордана Јосифова-Неделковска, потоа „Скопје танцов театар“ со Рисима Рисимикин, Гала оперска вечер под диригентство на Бисера Чадловска како и женскиот балетски ансамбл и оркестар од Националната опера и балет (НОБ), вечер на Музичка младина со камерниот оркестар „Саша Николовски Ѓумар. како и вечер со музиката на македонскиот композитор Томе Манчев.

    Драмската програма започнува еден ден по свеченото отворање, а ќе понуди театарски изведби од домашните театарски куќи. На програмата се претставите „Сестрите прозорови“ по мотиви на „Три сестри“ од Чехов коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев во изведба на Театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ Велес, Драмски театар ја носи претставата „Чудесна терапија“ по текст на Даниел Глатауер во режија на Димче Николовски, „Човек, ѕвер и доблест“ од Луиџи Пирандело, во режија на Егон Савин – Театар Комедија, премиерата на „Полковникот Птица“ од Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски во изведба на Гостиварски театар, претставата за деца на Театар за деца и младинци „Јованче и Марика“ од браќата Грим, во режија на Давор Драгојевиќ.

    Фестивалот свечено ќе биде затворен со преставата „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза во режија на Билге Емин на Турски театар,  кој годинава слави 70 годишен јубилеј.

    Во видеопораката драмскиот селектор Александар Поповски кажа дека Охридско лето во доба на корона звучи како наслов на некој роман.

    „Овогодинешното издание на Охридско лето се посебни поради две работи. Едната е тоа што славиме 60-години јубилеј, еден многу убав настан а другата е тоа што Фестивалот се случува во едни посебни услови бидејќи времето во кое живееме е посебно. Одлуката сепак да се одржи оваа скратена верзија на фестивалот мислам дека е многу важна. Мораме да покажеме колку е важна уметноста, колку е важна културата. Едноставно е човек да се откаже, многу потешко е да се направи она што ние сега ќе го направиме. Самата драмска селекција преживеа различити промени во однос на тоа како се менуваше самата ситуација… во игра беше Бург театарот од Виена, Националниот театар од Будимпешта, Југословенско драмско позориште… и како се менуваше целата ситуација се обидувавме да следиме и во рамките на тие протоколи да пробаме да го направиме најдоброто. Како резултат на тоа е оваа програма која е направена од театри од нашата држава“ рече во видео обраќањето Поповски.

    Како што кажа Поповски, следејќи ги протоколите годинешните претстави ќе бидат со што помалку актери без нивен контакт на сцена.

    „Мора да се почитуваат препораките иако контактот е нешто што е многу важен за нас актерите. Тој контакт меѓу нас на сцената, тој контакт со вас публиката е нешто што е многу важно. Ако можам да кажам порака за Фестивалот тоа е – ништо нема да нѐ раздели“, порача Поповски.

    Реализацијата на фестивалските вечери ќе биде строго по утврдените протоколи и мерки дадени од Комисијата за заразни болести и насоките на Министерството за култура. На годинешното издание  ќе биде промовирана и монографијата „Фестивалска приказна“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева-Ангеловска.

    Д. ЧУБРИЌ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира