ОЛИВЕР БЕЛОПЕТА ПОРАДИ ЏЕЗОТ СТАНА ФОТОГРАФ – ПРВА ИЗЛОЖБА НА ЉУБЉАНСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

    ОЛИВЕР БЕЛОПЕТА ПОРАДИ ЏЕЗОТ СТАНА ФОТОГРАФ – ПРВА ИЗЛОЖБА НА ЉУБЉАНСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛСо првата фотоизложба на светски признатиот џез-менаџер Оливер Белопета насловена „Поради џезот“ на 27 јуни ќе биде отворен 58. Џез фестивал во Љубљана (Фото: Каталог за изложбата)

    Љубљанскиот џез фестивал го промовира светски признатиот џез-менаџер, Оливер Белопета во џез-фотограф, приредувајќи ја неговата прва фотоизложба „Поради џезот“, со која на 27 јуни ќе биде отворен 58. Џез фестивал во Љубљана.

    „Голем ќефлија сум. Им благодарам на колегите од Словенија, на кураторот Жига Коритник кои, ете, ме убедија да ја реализираме оваа прва моја изложба на фотографии, и со тоа да се открие таа моја пасија. Љубљанскиот фестивал традиционално отвора со изложба на фотографии од познати светски и свои домашни професионалци кои го следат џезот, и се одржува во Цанкарјев дом каде што се одржува и фестивалот. Директорoт Богдан Бенигар ме покани, и ме убеди да ги изложиме моите фотографии, зашто вели дека тој патува со мене низ светот, ги знае фотографиите и е убеден дека се тие со квалитет кој е на нивото на претходните изложби. Покрај оваа главна изложба, има и втора, која е обично изложба на дизајн и се отвара порано, во галеријата на генералниот спонзор. Годинава тоа е изложба на плакати од Скопскиот џез фестивал. Со овие два геста, Љубљанскиот џез фестивал ми направија голема чест“, ни рече Белопета, директорот на Скопскиот џез фестивал, во чија организација е и Офф фест.

    „Голем ќефлија сум. Им благодарам на колегите од Словенија, на кураторот Жига Коритник кои, ете, ме убедија да ја реализираме оваа прва моја изложба на фотографии, и со тоа да се открие таа моја пасија“, вели Белопета, директорот на Скопскиот џез фестивал (Фото: Фејсбук на Оливер Белопета)

    Тој вели дека слика насекаде по фестивали, со професионална опрема, со голема страст. Работи црно-бели фотографии. Некои од нив биле користени за плакати во странство, за кавери на цедиња, за странски печатени медиуми.

    „Но, во Скопје не сликам (ха, ха, ха), не можам да стигнам. Сепак, фотографирањето бара посебна концентрација, па музиката останува во втор план“, раскажува Оливер за оваа непозната страна од неговото уметничко интересирање. Вели дека има идеја за изложба „Мама Африка“, зашто има избор од неколкуте патувања на овој континент, надвор од музичките фотографии.

    Плакатот за изложбата

    Околу двете изложби во Љубљана вели:„Немам намера ниту едната, ниту другата изложба да ги донесам во Скопје, од повеќе причини за кои не сум расположен да говорам. Доволна е само една причина – галериите овде треба да имаат услови за изложба, не може авторот сам да се занимава со нивно урамување. Секоја галерија треба да има одреден број на рамови“.

    Приказаната за интересот на Оливер Белопета како фотограф, особено на фотографии од музички концерти е поврзана со Љубљана, кога тој како млад музички новинар од Скопје во 1970 година го покривал Љубљанскиот џез фестива, и со себе ја имал својата камера. Како што бидува за секој млад новинар, така и Оливер, фестивалот го покривал со извештаи, но и со фотографии.

    Во каталогот за изложбата, угледниот критичар Ичо Видмар се навраќа на местото на Љубљанскиот џез фестивал во контекст на културата на тогашна Југославија, истакнувајќи го прогресивниот правец, кој со годините сѐ повеќе се развиваше и  прерасна во место кое е меѓу централните на џез мапата на светот.

    Белопта има различни причини поради кои е добар пријател на Словенија, вели Видмир, но џезот беше секогаш прв, и прерасна во трајна неразделна врска.

    Изложбата е избор од фотографии кои Белопета ги има сликано на разни музички настани низ светот (Фото: Каталог на изложбата)

    Словенечката публика и словенечката џез заедница прв пат слушнаа за Белопета во 2000. година кога тој стана уметнички директор на фестивалот којшто го инспирираше да стане и фотограф. Белопета за својот 5-годишен мандат како директор, како веќе искусен менаџер од Скопскиот џез фестивал направи голем исчекор и го крена помалку падниот Љубљански фестивал, нудејќи врвен џез и отворајќи се кон новите правици. Се издвојува и негов настап на словенечки во одбрана на селекцијата на авангардниот Ентони Брекстон, што го одбележа Блопета како менаџер што донесе нов дух во Љубљана. Во промотивниот текст се потенцира влијнието што Белопета со Скопскиот џез фестивал и со Офф фест ги извршува сиве овие години придонесувајќи за просперитет и за светски текови во македонското општетство.

    Краткиот преглед на изборот од фотографии, кои Белопета ги има сликано на разни музички настани низ светот, ни покажуваат волшебна разновидност и непредвидливост во музичките практики, хетерогеност на талентот што тој целосно го цени и го промовира на неговите концерти.

    „Фотографиите пренесуваат интернационални артисти, млади и стари, концентрирани или во движење, игриви или мирни. необични, а и обични во истовреме, сликани на сцена или приватно. Фотографиите покажуваат дека се правени за следниот чекор, да се создаде нов звук, нова музичка димензија“, вели Видмар.

    Овие музички фотографии на Оливер Белопета се сликани по фестивалите во Европа, Америка, Африка, во Азија.

    Изложбата ќе биде отворена до 2. септември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира