Јужнокорејскиот режисер Бонг Јон-хо, чиј филм „Паразит“ беше апсолутен победник на ланските Оскари, ќе биде претседател на жирито на Венецискиот филмски фестивал, закажан за 1 до 11 септември. „Паразит“ во Кан освои Златна палма, на 92. Оскари беше прогласен за најдобар филм, Бонг Јон-хо беше најдобар режисер, а ги освои и Оскарите за најдобар странски филм и за сценарио.
„Прво, добра вест што се однесува за 78. Венециски филмски фестивал е дека Бонг Јон-хо ентузијастички прифати да биде претседател на жирито. Денес, Бонг Јон-хо е еден од најавтентичните и оригинални гласови на светскиот филм. Одлуката да му го довериме жирито на корејски режисер за првпат во историјата на фестивалот, е исто така потврда на тоа дека Венецискиот фестивал го прифаќа филмот од целиот свет и дека режисерите од сите земји знаат дека може да ја сметаат Венеција за свој втор дом“, објави уметничкиот директор Алберто Барбера.
Оскаровецот рече дека Венецискиот филмски фестивал има долга и разновидна историја и дека е почестен што ќе биде дел од „ова прекрасна филмска традиција“.
„Како претседател на жирито, и што е уште поважно, како вечен вљубеник во филмот, јас сум подготвен да им се восхитувам и да им аплаудирам на сите прекрасни филмови кои ќе бидат селектирани за фестивалот. Исполнет сум со надеж и возбуда“, рече оскаровецот.