ОТКРИЕН НОВ МОЗАИК ВО ТЕОДОСИЈАНСКАТА ПАЛАТА ВО СТОБИ

    ОТКРИЕН НОВ МОЗАИК ВО ТЕОДОСИЈАНСКАТА ПАЛАТА ВО СТОБИОва откритие е резултат на заштитно-археолошките истражувања заради конзервација на Теодосијанската палата. (Фото: Министерство за култура)

    Откриен е нов мозаик во Теодосијанската палата во археолошкиот локалитет Стоби, а како што велат археолозите, деталите за мозаикот, кој се наѕира во една од просториите и е поставен како централно правоаголно поле, ќе ги откријат деновиве.

    Министерството за култура соопшти дека станува збор ново откритие во репрезентативниот објект, кое, според првичните наоди, претставува нов, неоткриен бисер на античкиот град кој е културно наследство и локалитет од особено национално значење.

    „Ова откритие е резултат на заштитно-археолошките истражувања кои се во функција на конзервација на Теодосијанската палата, за чија конзервација Стоби, во соработка со Фондацијата ‘Балканско наследство’ од Бугарија, доби грант од американската филантропска организација ‘Каплан фонд’. Ова се резултати на еднодецениска соработка на Стоби со овие фондации“, вели министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.

    Наоди од годинашните истражување на Стоби. (Фото: Министерство за култура)

    Од НУ „ Стоби“ велат дека како дел од грантот од „Каплан фонд“ , вреден 300 илјади долари за конзервација на Теодосијанската палата во Стоби, годинава се изработуваше основен конзерваторски проект за архитектурата, како и основен конзерваторски проект за мозаичните подови на овој луксузно декориран резиденцијален објект.

    „Проектот претставува еден од првите чекори на имплементација на Мастер-планот за конзервација на Стоби, изработен во периодот меѓу 2019 и 2021, исто така, во соработка со ‘Балканско наследство’, поддржан од ‘Ј. М. Каплан фонд’ од САД. Проектот за Теодосијанската палата ќе ги следи насоките од Мастер-планот за конзервација на Стоби. Во него ќе бидат вклучени конзервација и реконзервација на архитектонските остатоци, во соработка со меѓународен тим од експерти предводени од Џон Стјуарт и Греам Абри од Велика Британија“ , рече Спасе Перовски, директор на НУ „Стоби“.

    Тој додаде дека меѓународните експерти, исто така, ќе бидат задолжени за едукација на експерти (конзерватори, археолози и менаџери на културно наследство) од Македонија и од регионот, а ќе биде издаден и прирачник којшто ќе вклучува препораки и насоки за понатамошно одржување на археолошкиот локалитет.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира