ОВАЦИИ ЗА МЈУЗИКЛОТ „КАО КАКАО“ НА ПРЕМИЕРАТА ВО СКОПЈЕ

    ОВАЦИИ ЗА МЈУЗИКЛОТ „КАО КАКАО“ НА ПРЕМИЕРАТА ВО СКОПЈЕКатерина Јовановиќ, Ања Митиќ и Нина Елзесер го играат женското трио (Фото: К. Попов)

    „Ако веруваш во себеси и во своите соништа, со труд и работа од гасеница можеш да станеш пеперутка“, е лајтмотивот на мјузиклот „Као какао“, инспириран од музиката на Влатко Стефановски, чија премиера беше синоќа во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје.

    Насловот на музиклот е според истоимениот девети студиски албум на легендарната група „Леб и сол“ од 1987, кој се смета за еден од најуспешните во историјата на југословенската рок музика. Наловната песна „Као какао“ е една од најпопуларните на „Леб и сол“.

    Уште на прес-конференцијата со која беше најавен овој независен проект, режисерот Дејан Пројковски кажа дека мјузиклот е за душата на старото Скопје која е загубена.

    Григор Јовановски, Владимир Петровиќ и Стефан Спасов ги играат гитаристите од бендот „Као какао“. (Фото: К. Попов)

    „Нашата верба е дали Скопје е почетокот или крајот на светот“, рече режисерот.

    Токму од почетокот на светот, во старото Скопје со рокенрол душа, почнува љубовната приказна на Дона (Катерина Јовановиќ) и Џими (Владимир Петровиќ), која ќе отпатува до Лондон, на покривот на светот, како што велат младите гитаристи од бендот „Као какао“.

    Скопје и Македонија добија мјузикл на носталгична, љубовна тема по текст на Венко Андоновски, одличен спој на исклучително талентирани млади и на искусни актери, за кои аплаузите на крајот кажаа многу: Тања Кочовска, Јордан Симонов, Рубенс Муратовски и Билјана Драгичевиќ-Пројковска.

    Влатко Стефановски со Софија Куновска и ќерка ѝ Матеа (Фото: К. Попов)

    Песните што Влатко Стефановски ги пишувал во своето Тафталиџе во 1970-тите и 1980-тите, но и во поново време, се музичка лекција која не излегува од мода. Биле актуелни во тогашното Скопје, а актуелни се и денес, со новите аранжмани на Бобан Мирковски.

    Иако мјузиклот, што трае три часа, официјално не е автобиографска приказна за Стефановски, соништата на младиот Џими да има добра гитара и неговиот пат од гитарист од Тафталиџе до југословенска и европска популарност, во многу нешта потсетуваат на неговата животна приказна.

    Стефановски беше пресреќен на крајот од претставата и ја пофали целата екипа, особено младите актери Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ, кои одлично ја изнесоа приказната.

    Венко Андоновски е автор на текстот. (Фото: К. Попов)

    Одличен избор на актери направиле продуцентите „Баги комуникации“, избирајќи ги младите актери Нина Елзесер, Ања Митиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Антонио Ташковски, Наталија Теодосиева, Денис Абдула, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Ѓорге Нешковиќ, Анастасија Трајковска, Јована Миладинова, Анастасија Митровска и Леонида Гулевска. Најмногу поради нив, мјузиклот е материјал и за помладата публика.

    Владимир Петровиќ и Катерина Јовановиќ. (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

    Сите гитарски сола на Влатко Стефановски одлично ги отсвире Стефан Петановски, заедно со оркестарот и бендот во кој свиреше и Јан Стефановски, синот на Влатко.

    Актерот Драган Спасов-Дац, продуцентот Александар Митевски и актерката Катерина Коцевска (Фото: К. Попов)

    Ана Костадиновска е вокална менторка на актерите и беше дел од бендот што го предводеше Бобан Мирковски.

    Кореографијата е на Олга Панго, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимите на Марија Пупучевска. Целата екипа на крајот беше испратена со неколкуминутни заслужени овации.

    Дејството се случува во Скопје во времето на поранешна Југославија (Фото: К.Попов)

    Продуцентите на мјузиклот, „Баги комуникации“, велат дека оваа приказна ќе се рашири со изведби низ поранешна Југославија.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира