ОВОЈ МАКЕДОНСКИ НАРОД ЗАБОРАВА МНОГУ РАБОТИ, НО ГОРАНЕ, ФАЛА ТИ ЗА СЀ, РЕКОА ТЕАТАРЏИИТЕ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

    ОВОЈ МАКЕДОНСКИ НАРОД ЗАБОРАВА МНОГУ РАБОТИ, НО ГОРАНЕ, ФАЛА ТИ ЗА СЀ, РЕКОА ТЕАТАРЏИИТЕ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ„Не сакам ниту под еден услов да го прифатам фактот дека те нема. Летово седевме на тераса во твојата куќа во Охрид. Ти ми раскажуваше за тоа како е и кој е марифетот за долг живот кој ти го кажал Ристо Стефановски. А тоа е, да си намигнеш од сабајле во огледало. Морам да признаам дека иако знаев дека се мајтапиш, одвреме навреме се фаќам како си намигнувам“, рече режисерот Александар Поповски (Фото: Ѓ. Личовски)

    Достоинствено и со голема почит, како за голем учител, духовен татко, другар, колега, говореа театарџиите и книжевниците за македонскиот драмски писател Горан Стефановски на денешната комеморација во Драмски театар. Стефановски почина на 27 ноември на 66 години, а минатата недела беше кремиран во Кентербери, Англија, и по негова желба пепелта во пригодна прилика ќе биде расфрлана во водите на Охридското Езеро.

    Неколку актери од сите генерации во Драмски театар, каде беа поставени најголем дел од неговите ремек-дела, читаа извадоци од нив, а се пуштија и снимки од претставите работени низ светот. Сепак, Драмски театар не беше полн за комеморацијата. Дојдоа колеги од Драмски, од МНТ, од Театар за деца и младинци, двајца академици од МАНУ, професори од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, неколкумина писатели, а присутните коментираа дека е недопустливо што не дојдоа голем број на театарски и филмски режисери, драматурзи, продуценти, писатели.

    Во фоајето на Драмски театар се изложени фотографии и плакати од претставите на Стефановски (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Не сакам ниту под еден услов да го прифатам фактот дека те нема. Летово седевме на тераса во твојата куќа во Охрид. Ти ми раскажуваше за тоа како е и кој е марифетот за долг живот кој ти го кажал Ристо Стефановски. А тоа е, да си намигнеш отсабајле во огледало. Морам да признаам дека иако знаев дека се мајтапиш, одвреме-навреме се фаќам како си намигнувам. Се сеќавам, мал сум, можеби четврто одделение во ‘Кирил Пејчиновиќ’. Мајка ми ме носи да гледам претстава во Драмски театар, ‘Диво месо’. По претставата долго не можам да заспијам. Многу работи не разбирам, но чувствувам дека нешто длабоко ме привлекува во тој свет. Светот кој подоцна ќе стане мој свет. Театарот. Гледам дека постојат многу причини поради кои животот има смисла. Ти беше оној кој за мене го отклучи тој свет. Јас друг таков човек нема да имам како тебе. И сега? Како сега? Каде сега? Горан. Чичко мој, многу ми недостасуваш! Секогаш твој внучко“, низ солзи во снимената тонска порака говореше режисерот Александар Поповски, долгодишен соработник на Стефановски.

    Во писмото од драматургот Дејан Дуковски стои дека од неговиот учител Горан научил многу, „да не речам, сѐ“. Не само за драматуршките работи, генерално и многу за животот.

    Актерите Димитрија Доксевски, Сања Арсовска, Јана Стојановска и Филип Трајковиќ читаа извадоци од неговите култни драми (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Кој имал вистински учител, знае што значи тоа. Многу млад имав среќа со него да го барам мојот пат, да бидам она што сум сега. Не е лесно да бидеш драмски писател, секаде, а посебно овде. Да го носиш тој идентитет. Мојот иденитетит како таков никогаш не бил во прашање. Со гордост секаде можев да кажам дека сум студент на Горан Стефановски, и тоа име како магичен збор отвораше многу врати. Да кажам дека потекнувам од драмската традиција која го има Горан, тоа не е малку. Неговите зборови знаеја да ја вклучат сечија имагинација. Со ова знам дека ќе се сложат сите мои колеги, негови студенти, мене лично ќе ми фали школо за тоа, како сега натаму да стареам. Пред сѐ, ќе ми фали Горан како другар и духовен татко. И не само мене, знам. Ќе им фали на многу. Сите го сакаа Горан. Јас знам само дека секогаш ќе му ги препрочитувам зборовите и ќе го имам во моите мисли. Со можниот негов одговор на многу од моите прашања. Што би рекол тој: ‘Нема едноставен одговор за квадратурата на кругот’. Нема да биде лесно да се пополни тоа што те нема. Горане“, пишува Дуковски во писмото кое беше прочитано на комеморацијата.

    Драмски театар не беше полн за комеморацијата. Дојдоа колеги од Драмски, од МНТ, од Театар за деца и младинци, двајца академици од МАНУ, професори од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, неколкумина писатели, а присутните коментираа дека е недопустливо што не дојдоа голем број на театарски и филмски режисери, драматурзи, продуценти, писатели (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Знаеше да нè собере кај него дома и да ни ги чита текстовите. Но како и секој голем писател, ужасно читаше. После неколку такви подолги читања, јас и Ненад Стојановски рековме дека не сакаме повеќе да ни чита затоа што ќе ни ги расипе улогите . Си заминавме од кај него, отидовме и се напивме. Во ова ‘Диво месо’ има една сцена каде тешко доаѓаше до израз мојата актерска игра. Еднаш си пробував и за да бидам сигурен дека е тоа тоа, сакав да го прашам режисерот Слободан Унковски. Накај полноќ отидов кај Унко дома, да каже, ако е добро, да продолжам да играм. Он во пижами, јас изиграв, и вели ‘Добро е’. Сакам да напоменам дека овој македонски народ заборава многу работи, а оваа претстава има над 36 награди во тогашна Југославија. Тоа е голема бројка. Фала ти Горан“, рече актерот Благоја Чоревски.

    „Знаеше да нè собере кај него дома и да ни ги чита текстовите. Но како и секој голем писател, ужасно читаше. После неколку такви подолги читања, јас и Ненад Стојановски рековме дека не сакаме повеќе да ни чита затоа што ќе ни ги расипе улогите . Си заминавме од кај него, отидовме и се напивме”, рече актерот Благоја Чоревски (Фото: Ѓ. Личовски)

    Академик Георги Старделов рече дека го смета Стефановски за една од нанајзначајните, ако не и најзначајна појава во повоената македонска книжевност, и дека станува збор за писател од еден сосема поинаков ков отколку што беше во свеста кај нас за поимот писател.

    „Еднаш пишував еден текст за поетиката на Блаже Конески, а неговата поетика ја именував како откривање на песната. Конески сметаше дека тој не ја пишува и создава песната, туку ја открива. Конески ме праша мене дали таков друг пример има во нашата книжевност. ‘Да, тоа е Горан Стефановски’ му реков. Тој не ги создаваше драмите, тој ги откриваше драмите. Слично како Конески, кој за ‘Тешкото’ вели дека не ја напишал, туку дека ја открил, дека била напишана, создадена. Јас сум длабоко уверен дека станува збор за феномен кој нема регионално значење, туку има светско универзално значење “, кажа академик Старделов.

    Во Драмски беше пуштена и тонска порака од италијанскиот режисер Паоло Маџели, кој во 1980-тите години во Драмски и во Македонскиот народен театар ги има поставено драмите на Стефановски.

    Од изложбата во фоајето на Драмски театар (Фото: Ѓ. Личовски)

    Маџели се потсети на нивните средби со брат му Влатко, со нивната мајка, на бескрајно долгите средби, на писма кои си ги испраќале, на ноќните разговори, на дружбите во Белград со Влада Дивљан.

    „Едно време си замина засекогаш, но за среќа, сеќавањата не бледнеат. Јас навистина исклучително многу те сакав. Ти беше еден од последните џинови, не само на овие простори на поранешна Југославија, туку ти беше навистина голем европски писател. Ти беше повеќе од писател. Ти беше една подвижна човечка душа. Тие твои немирни очи не може да ме напуштат ни после смртта. Нема да ја заборавам никогаш таа твоја немирна насмевка, таа тажна, прекрасна насмевка. Јас со тебе живеев, верував и сонував една друга Македонија. Македонија за мене беше една зелена долина каде што се насликани најубавите ангели. Кога повторно дојдов во Македонија те чувствував на секое ќоше. Се обидов да те пронајдам. И те најдов. Се видовме случајно и многу ми е тажно, но и драго во исто време. Горане, што да ти кажам? Не е вистина дека ти веќе не си тука. Ти си тука присутен повеќе отколку порано. И сега што? Можеби овие денови ќе навратиш на една пијачка во Драмски, иако нашето бифе веќе го нема. Не сакам да бидам сентиментален, тоа е грозно. Се враќам на проба. Многу те сакам. Те сакам, те сакам, те сакам Горане“, рече Маџели.

    Глумците Игор Ангелов и Марија Кондовска (Фото: Ѓ. Личовски)

    Професорката на Факултетот за драмски уметности, Синоличка Трпкова, која глумеше во култната ТВ-серија на Стефановски и Унковски „Бушава азбука“, рече дека последнава година тројцата заедно работеле на втората „Бушава азбука“, која Горан ја крстил „Бушав буквар“.

    „Во првата играв, а со втората видов како се раѓаат на хартија твоите ликови, нивните состојби и емоции. Со Унко ќе ја продолжиме мисијата на описменувањето, што заедно ја започнавме. Не би ме изненадило ако се појавиш во епизодите за да ни кажеш дека си тука, со нас, и дека ќе го следиш секој наш чекор и збор. Мил Горан, ти благодарам за пораките и писмата, за муабетите, и за љубовта во букварот што ја остави како аманет“, рече Трпкова.

    Стефановски е автор на легендарните, популарни и на над 20 јазици преведени драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

    Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и МАНУ. Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира