„Среќни празници“ на палестинскиот режисер Скандар Копти ја освои наградата за најдобар филм „Златен Александар – Тео Ангелопулос“ на 65. Филмски фестивал во Солун која носи и 10.000 евра. Копти, Палестинец кој живее во Јафа, Израел, се прочу со дебито „Аџами“ кое го режираше заедно со израелскиот режисер Јарон Шани во 2009 со кое и тогаш победија во Солун, а освоија и номинација за Оскар за најдобар филм.
„Среќни празници“ е комплексна приказна за Палестинец и неговата девојка Еврејка во Хаифа, Израел и нивните испреплетени семејни односи. Жирито го награди поради „сложено плетење различни наративи и перспективи кои целосно ја изложуваат комплексноста на националната, родовата и класната динамика што може да ги подели општествата и за гледање на иднината во лицето на една млада жена“.
Наградата за најдобра режија „Сребрен Александар“ и 5.000 евра ја освои белгискиот дебитант Леонардо Ван Дијл за „Џули молчи“, психолошка драма за дилемата на млада тенисерка дали да проговори за злоупотребата од нејзиниот тренер по самоубиството на сокласничка во тениската школа за врвни таленти.
Во селекцијата Запознај ги соседите, наградата за најдобар филм „Златен Александар – Мишел Демопулос“ и 10.000 евра ја освои италијанскиот „Виторија“ од Алесандро Касиголи и Кејси Кауфман, приказна за мајка на три сина опседната од желбата да има ќерка. Жирито го награди како „изненадувачки, трогателен, иновативен пристап кон многу чувствителната тема на посвојување, кој нè фати неспремни и ја расплака публиката, а и нас“.
Наградата за најдобра режија „Сребрен Александар“ и 5.000 евра, ја доби Лајла Абас за филмот „Ви благодариме за банкарството со нас“.
Во селекцијата Филмски напред наградата за најдобар филм „Златен Александар“ и 8.000 евра ја освои канадскиот „Универзален јазик“ од Метју Ранкин оценет од жирито како „исклучителен филм со навистина оригинална идеја што меша времиња, простори и култури, со многу уникатен филмски јазик и смисла за хумор“.
Наградата за најдобра режија „Сребрен Александар“ и 4.000 евра ја доби Ноаз Деше за „Ксофтекс“, приказна за палсестинско-сиријски браќа кои живеат во бегалски камп во Грција и сонуваат да заминат во Шведска.
Наградата на Меѓународната федерација на филмски критичари-ФИПРЕСЦИ ја доби грчкиот „Аркадија“ на Јоргос Зоис во главната селекција, а за најдобар грчки филм „Ривиера“ на Орфеас Перецис.
Грчкиот филм „Кјука, пред крајот на летото“ на Костис Карамунтанис кој играше во селекцијата Филмски напред ја освои наградата на публиката и уште 3 грчки награди. Филмот е копродукција со Македонија, односно со „Лист продукција“ на продуцентката Марија Димитрова, а копродуцент е Игор Иванов-Изи. Филмот е поддржан во 2020 со 3,6 милиони денари на Конкурсот во втор рок за филмски проекти на македонската Агенција за филм.
Годинашнот фестивал заврши вечерва со „Крај“ на оскаровецот Џошуа Опенхајмер, кој лично го претстави во Солун.
М. КОСТОВА