ПЕСНА ОД ЛИДИЈА ДИМКОВСКА ОБЈАВЕНА ВО КУЛТНОТО БРИТАНСКО СПИСАНИЕ „ТАЈМС ЛИТЕРАРИ САПЛЕМЕНТ“

    ПЕСНА ОД ЛИДИЈА ДИМКОВСКА ОБЈАВЕНА ВО КУЛТНОТО БРИТАНСКО СПИСАНИЕ „ТАЈМС ЛИТЕРАРИ САПЛЕМЕНТ“Песната „Милениче“ е од „Гранична состојба“, последната поетска збирка на Димковска. (Фото: МАИ)

    Песната „Милениче“ од македонската поетеса и писателка Лидија Димковска е објавена во последниот број на едно од најпрестижните светски списанија за литература и култура, британскиот неделеник „Тајмс литерари саплмент“ (Times Literary Supplement) од Лондон. „Милениче“ е објавена во препев на англиски јазик на Љубица Арсовска и Патриша Марш-Стефановска.

    „Милениче“ е од „Гранична состојба“, последната поетска збирка на Димковска објавена лани од „Или-Или“, за која ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга од македонски автор на Струшките вечери на поезијата (СВП).

    Димковска, една од најпреведуваните македонски автори и добитничка на повеќе награди меѓу кои и Европската награда за литература во 2013, скоро 2 децении живее во Словенија. Нејзина прва преведена книга беше изборот од нејзината поезија „Мета-бесење на мета-липа“ на романски јазик, еден месец пред нејзиното дефинитивно заминување од Романија каде што живееше седум години. Книгата ја доби наградата „Поесис“ за најдобра поетска книга на Меѓународниот поетски фестивал Поесис во Сату Маре, Романија во 2001. Ѝ претходеа објави на поединечни песни на многу јазици низ светот. Следеа преводи, учества на најразлични меѓународни читања, резиденции, добивање на книжевни награди.

    Во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК во 2017, Димковска кажа дека е потребна поширока стратегија, институционална поддршка и тимска работа за да може еден автор да успее во светот и да ја повлече и книжевноста на останатите по себе. Бидејќи, рече таа, треба да ни е јасно на сите: за да се зборува за македонската книжевност во светот, на светот не му се доволни тројца преведени автори, туку повеќе, многу повеќе.

    „За да речеме дека македонската книжевност постои во свеста на светската книжевност, таа треба да биде корпус на преведени книги, со тежина и тежа, а не егзотична билка што ќе ја откине првиот пролетен ветер. И веднаш да додадам дека кога зборувам за македонска книжевност не зборувам само за авторите кои пишуваат на македонски јазик во Македонија и надвор од неа, туку и за сите останати автори кои живеат и творат во Македонија на некој друг јазик. А формула за тоа како македонската книжевност да се пробие на патот кон меѓународна афирмација и немам: во мојот случај тоа се наградите, преведувачите односно преводите и односот со издавачите кој дури и не можам да го наречам личен, бидејќи е пред сè професионален“, ни рече Димковска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира