„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска ги доби наградите на Екуменското жири и на Здружението на германските кина за авторски филм, паралелни награди на Берлиналето што ги доделуваат независни жирија. Главните награди – Златна и Сребрена мечка и уште неколку други за кои одлучува жирито на чело со оскаровката Жилиет Бинош, ќе бидат доделени на вечерашната гала церемонија на затварањето на 69. Берлинале.
Екуменското жири, составено од меѓународните филмски организации на Протестантската и Католичката црква ИНТЕРФИЛМ и СИГНИС, го награди филмот со образложение: „За смелото портретирање на трансформацијата на обесправена млада жена во гласна бранителка на женските права. Кога Петрунија спонтано ќе се фрли и ќе го фати крстот што в река го фрла попот во црковниот ритуал за млади мажи, таа ги крши црковните и општествените традиции. Нејзиното првично одбивање да го врати крстот ја ослободува нејзината внатрешна сила во соочувањето со институционалните конвенции и го открива Бог во неа“.
„Петрунија“ е првиот македонски долгометражен игран филм што се бори за престижната Златна мечка на 69. Берлинале, а светската премиера ја имаше на 10 февруари со позитивен одглас од публиката и критиката, особено за главната актерка Зорица Нушева.
- ЗОРИЦА НУШЕВА КАКО ПЕТРУНИЈА ГО РАЗВЕСЕЛИ БЕРЛИНАЛЕ
- МЕЧКА ВЕЌЕ СИ ИМАМЕ СО ТОА ШТО СМЕ ВО ТРКАТА ЗА НАГРАДА НА БЕРЛИНАЛЕ, ВЕЛИ ТЕОНА МИТЕВСКА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА ФИЛМОТ
Б. НЕСТОРОСКА