МЕЧКА ВЕЌЕ СИ ИМАМЕ СО ТОА ШТО СМЕ ВО ТРКАТА ЗА НАГРАДА НА БЕРЛИНАЛЕ, ВЕЛИ ТЕОНА МИТЕВСКА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА ФИЛМОТ

    МЕЧКА ВЕЌЕ СИ ИМАМЕ СО ТОА ШТО СМЕ ВО ТРКАТА ЗА НАГРАДА НА БЕРЛИНАЛЕ, ВЕЛИ ТЕОНА МИТЕВСКА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА ФИЛМОТРежисерката Теона Стругар Митевска со главната актерка Зорица Нушева и Лабина и Вук Митевски на денешната прес-конференција по уреинската прес проекција на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, што во 16 часот ќе има светска премиера во конкуренцијата за Златна мечка на Берлинале (Фото: Берлинале)

    (Специјално за САКАМДАКАЖАМ.МК од Берлин: Силвера Падори-Кленке)

    „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, утринава со првата воопшто проекција на еден македонски филм во главната конкуренција за Златна мечка на 69. Берлинале, уметнички, тематски, актуелно и со виц ги расони сите акредитирани новинари кои во 9 часот стигнаа да го видат филмот на Теона Стругар Митевска. Духовитите и вицкасти дијалози, извонредното актерско остварување на Зорица Нушева и Лабина Митевска, големите кадри и прецизната камера, уште во текот на проекцијата беа предоследени со аплаузи, а крајот буквално со овации и поздравување од експертската публика.

    „Се обидов во овој филм да го доловам духот на нашето време, односот меѓу индивидуата/жената, политиката/државата и религијта/црквата. Сметам дека успеав добро да ја поставам релацијата на трите елементи: жената Петрунија која се спротиставува на востановените норми само мажите да скокаат по крстот, која го фаќа и сака да го задржи не поради некакви феминистички идеи, туку со аргументот, ако крстот носи среќа, и таа има право да биде среќна“, вели Теона Стругар Митевска за СДК.МК.

    Во Берлин присуствува и актерската екипа сочинета од Зорица Нушева, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Виолета Шапковска, Џевдет Јашари и Бајруш Мјаку (Фото: Берлиналее)

    Петрунија на Зорица Нушева е автентична, бескомпромисна, но непретенциозна, искрена, чиста и токму поради тоа веројатно ја дава сликата за жената која е карактеристична за целиот Балкан. Актерски дострел кој сигурно ќе биде запомнат.

    Ненаметливо, но болно вистинито е актуелизирани и улогата на медиумите, кои приказната за Петрунија ја пренесуваат како куриозитет и не се отворени за никаква подлабока дискусија. Лабина Митевска, која ја толкува ТВ-репортерката Славица, на прес-конференцијата потсети дека „во времето на националистичката влада во Македонија новинарството не беше слободно“, и токму тоа се обиде да го долови во ролјата на Славица, која е растргната меѓу професионалниот кодекс да ја пренесе вистината, која го регистрира отпорот на институциите иако знае што ја чека и до каде може да оди, и згора на сè има лични проблеми и обврски како мајка.

    Петрунија на Зорица Нушева е актерски дострал за паметење (Фото: СДК.МК)

    На прес-конференцијата се постави и прашањето дали е контактирана реалната жена која скокнала по светиот крст, а Теона кажа дека вистинската Петрунија сега живее во Лондон, не ја контактирала, но би сакала еден ден да се сретнат.

    Лабина кажа дека по информациите за филмот, од Македонската црква добиле писмо во кое се вели „ние не сакаме да имаме никаква врска со филмот, Господ постои и е маж“.

    Се постави и прашањето дали филмови како овој за Петрунија може да предизвикаат промени и редефинирање на правилата околу религијата и жената?

    „Верувам во отворање на нови возбудливи времиња, берувам во правда, и еднаквост на сите кои ќе нè обединат на сите нивоа. Уметноста, според мене, постои да се спротивставува на политиката, да поставува прашања, да оди пред времето“, вели Теона Стругар Митевска.

    Лабина кажа дека по информациите за филмот, од Македонската црква добиле писмо во кое се вели „ние не сакаме да имаме никаква врска со филмот, Господ постои и е маж“. (Фото: СДК.МК)

    Во конктекст на филмот кога Петрунија, која е историчар, е прашана од полицаецот дали нејзин омилен период е оној на Александар Македонски, а таа вели „Не, Кинеската револуција“, од Теона беше побаран и коментар како гледа на промената на името на Македонија?

    „Болно, но неопходно решение“, одговори Стругар Митевска.

    Претседателка на меѓународното жири на годинашново Берлинале е Жилиет Бинош, актерката од светски калибар беше во 2014 беше наградена од фестивалот во Битола токму во времето кога Лабина Митревска беше директорка на „Манаки“. Ја прашавме Лабина дали овој избор е можеби среќна околност за „Господ постои, името и е Петрунија“?

    „Искрено, не сметам на некакви протекции. Бинош исклучително ја сакам и ценам како жена и како актер. Но, моето искуство од членства во различни жирија кажува дека нема големо значение кој е претседател, зашто одлуките за наградите се донесуваат заеднички. И впрочем, вистинска награда за мене, Теона и целата екипа е што филмот се најде во главната конкуренција на Берлиналето“, вели Лабина Митевска.

    Дали сепак потајно Теона и екипата се надева на една Мечка?, ја прашавме Лабина.

    „Мечки веќе си имаме“, кажаа едногласно Теона, Лабина, Вук, Славица покажувајќи на црвените беџови со мечето на Берлиналето закачени на нивната облека.

    Светската премиера на филмот во конкуренција за Златна мечка е денеска 16:00 часот, на што му претходи прошетката по црвениот тепих, како се чини метеоролошки, под берлинското дождливо, облачно, но прекрасно небо. За време на фестивалот се закажани вкупно осум проекции на филмот, а билетите се веќе распродадени. Во Берлин присуствува и актерската екипа сочинета од Зорица Нушева, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Виолета Шапковска, Џевдет Јашари и Бајруш Мјаку. На денот на премиерата екипата ќе приреди и специјална македонска вечер на која ексклузивни гости ќе биде македонскиот бенд „Фолтин“.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира