„ПЕТРУНИЈА“ НА МИТЕВСКА СО НАГРАДИ НА ЕКУМЕНСКОТО ЖИРИ И НА ГЕРМАНСКИТЕ КИНА НА БЕРЛИНАЛЕ

    „ПЕТРУНИЈА“ НА МИТЕВСКА СО НАГРАДИ НА ЕКУМЕНСКОТО ЖИРИ И НА ГЕРМАНСКИТЕ КИНА НА БЕРЛИНАЛЕПродуцентката и актерка Лабина Митевска со наградите на Екуменското жири и на Здружението на германските кина за авторски филм, паралелни награди на Берлиналето што го доделуваат независни жирија (Фото: Фејсбук на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“)

    „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска ги доби наградите на Екуменското жири и на Здружението на германските кина за авторски филм, паралелни награди на Берлиналето што ги доделуваат независни жирија. Главните награди – Златна и Сребрена мечка и уште неколку други за кои одлучува жирито на чело со оскаровката Жилиет Бинош, ќе бидат доделени на вечерашната гала церемонија на затварањето на 69. Берлинале.

    Екуменското жири, составено од меѓународните филмски организации на Протестантската и Католичката црква ИНТЕРФИЛМ и СИГНИС, го награди филмот со образложение: „За смелото портретирање на трансформацијата на обесправена млада жена во гласна бранителка на женските права. Кога Петрунија спонтано ќе се фрли и ќе го фати крстот што в река го фрла попот во црковниот ритуал за млади мажи, таа ги крши црковните и општествените традиции. Нејзиното првично одбивање да го врати крстот ја ослободува нејзината внатрешна сила во соочувањето со институционалните конвенции и го открива Бог во неа“.

    „Петрунија“ е првиот македонски долгометражен игран филм што се бори за престижната Златна мечка на 69. Берлинале, а светската премиера ја имаше на 10 февруари со позитивен одглас од публиката и критиката, особено за главната актерка Зорица Нушева.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира