„ПЕТРУНИЈА“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА Е МЕЃУ ТРИТЕ ФИЛМОВИ ВО ТРКА ЗА ЕВРОПСКАТА НАГРАДА ЛУКС

    „ПЕТРУНИЈА“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА Е МЕЃУ ТРИТЕ ФИЛМОВИ ВО ТРКА ЗА ЕВРОПСКАТА НАГРАДА ЛУКСВо трка за Лукс со филмот на Митевска се и „Кралство“ на Родриго Сорогојен (Шпанија, Франција) и „Нерешениот случај Хамарскјолд“ на Мадс Бругер (Данска, Норвешка, Шведска и Белгија)

    Македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар Митевска е избран меѓу трите филмови кои се во најтесна трка за наградата Лукс што ја доделува Европскиот парламент. Годинава, Македонија за првпат во историјата на оваа награда имаше двајца кандидати, покрај „Петрунија“, номиниран беше и документарецот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

    Одлуката беше соопштена денес, на прес-конференција од новоизбраниот претседател на Европскиот парламент Давид Марија Сасоли, соопшти Агенцијата за филм на Северна Македонија. Проекција на „Петрунија“ организирана од наградите Лукс ќе има и на престојниот Венециски филмски фестивал.

    Во трката со филмот на Митевска, се и филмовите „Кралство“ на Родриго Сорогојен (Шпанија, Франција) и „Нерешениот случај Хамарскјолд“ на Мадс Бругер (Данска, Норвешка, Шведска и Белгија), награден за најдобра режија на Санденс. Преку филмската иницијатива Лукс, заради поддршка на европската филмска индустрија и да им се помогне на овие европски копродукции да бидат видени вон своите земји, овие филмови се преведени на 24 официјални јазици на Европската унија и ќе бидат прикажани во повеќе од 50 градови и фестивали во сите 28 земји на ЕУ.

    Нaесен, новоизбраните членови на Европскиот парламент ќе бидат поканети да гласаат за еден од трите филма во конкуренција за Лукс. Победникот ќе биде објавен на 27 ноември во Европскиот парламент во Стразбур.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира