Светлечката инсталација со стиховите од „Т’га за југ“ поставена вчера во Паркот на поезијата во Струга по повод 59. Струшки вечери на поезијата (СВП) е всушност плагијат на познатото дело на американскиот уметник Џим Санборн.
Во 1993, Санборн го изложи делото „Прикриена излитеност: Кодна соба“ во музејот на уметност Коркоран во Вашингтон. Делото е цилиндер во кој се врежани зборови и осветлен однатре ги проектира зборовите во околината.
Интересно е дека струшкиот обид не е првпат да се копира ова дело – во 2015 една канадска архитектонска група изложи слична инсталација во парк во Торонто, а Санборн остро реагираше и најави тужба.
„Ова е нешто што јас го правам 23 години и малку ми е тешко да сварам кога гледам ваков вид на плагијаторство“, изјави тогаш Санборн.
Инсталацијата на СВП е поставена синоќа во рамките на програмата Веросполис која се одвива на терасата на хотелот „Дрим“. СВП не објави кој е авторот на инспаталцијата но вчера ја најави со објава на Фејсбук во која се вели: „Поезијата ја исполнува празнината која оние 2 метри безбедна дистанца ја оставаат, и како мост нѐ поврзува, спојувајќи илјадници светови и јазици. Поезијата, како единствен, универзален јазик на универзумот, покрај метафорички, вечерва може и физички да нѐ допре, преку танцот на светло и сенки во паркот на поезијата“.
Најстариот поетски фестивал во земјава почна во петокот, завршува вечерва со традиционалната манифестација Мостови, a годинашен лауреат на Златниот венец е израелскиот поет Амир Ор. Поради коронакризата, годинашното издание на СВП е во хибридна форма, со видеочитања од странските поети и физичко присуство на домашните автори. Годинашен добитник на поетската награда „Браќа Миладиновци“ е поетесата Ива Дамјановски, за нејзината прва стихозбирка „Двоумење“ (Издание на ПНВ Публикации). Дамјановски (24) е најмладата добитничка на оваа награда, а ја промовираше „Двоумење“ во јуни.