По Скопје и Њујорк, изложбата „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ на авторите Ана Ивановска-Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски вчера беше отворена пред многубројна публика во галерија во Берлин. Фокусот на изложбата е придонесот на жените на архитектонската сцена во Социјалистичка Република Македонија, особено во периодот на постземјотресната обнова на Скопје.
Галеријата „BHROX Bauhaus Reuse“ е изградена од оригиналните фасадни елементи од историската зграда на школата „Баухаус“ во Десау и претставува пионерски пример за трансформација на архитектонското наследство.
„Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ е резултат на повеќегодишно истражување и го претставува креативниот придонес на жените во македонската архитектура, со цел да придонесе за подобро разбирање, поголема видливост и за културолошко вреднување на архитектонското наследство што го оставиле на идните генерации.
Фокусот на изложбата е придонесот на жените на архитектонската сцена во Социјалистичка Република Македонија, особено во периодот на постземјотресната обнова на Скопје. (Фото: Континео)
На изложбата во Берлин се претставени повеќе од 30 дела на избрани архитектки: Мимоза Несторова-Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска, Прохирија Хаџи Костова-Пешиќ, Нада Савеска, Донка Петкова-Костиќ и Росанда Мичева.
Кураторката Катарина Депиш, заедно со архитектите Ивановска-Дескова, Десков и Ивановски, утре во галеријата ќе водат тура и пред посетителите ќе водат разговор на тема „Другарки и тимски играчи – жените кои ги изградија Источен Берлин и Скопје“. На 29 ноември, тројцата архитекти ќе имаат свое излагање на меѓународна конференција на тема „Прогресивно наследство“, што се одржува во рамките на „Европско триенале на модернизмот“.
Истражувањето „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ беше финансирано во 2021 од Амбасадата на Швајцарија во Македонија, а претходно беше јавно претставено во Музејот на Македонија во декември 2021 и во Македонскиот културен центар во Њујорк во јули годинава.
- ИЗЛОЖБА ЗА АРХИТЕКТКИТЕ КОИ ГО ГРАДЕЛЕ ПОСТЗЕМЈОТРЕСНО СКОПЈЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ВО ЊУЈОРК
- АРХИТЕКТКИТЕ НЕСТОРОВА-ТОМИЌ, ЌОСЕВСКА, ПАПЕШ ГО ИЗГРАДИЛЕ СКОПЈЕ ВНЕСУВАЈЌИ ГО ЕВРОПСКИОТ МОДЕРНИЗАМ, ВЕЛАТ АВТОРИТЕ НА НОВАТА ИЗЛОЖБА
- АРХИТЕКТКИТЕ КОИ ГО ГРАДЕЛЕ ПОСТЗЕМЈОТРЕСНО СКОПЈЕ СО ИЗЛОЖБА ВО МУЗЕЈОТ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА


