По вечерашната македонска кинопремиера на филмот на режисерката Теона Стругар Митевска „Најсреќниот човек на светот“ , од утре ќе игра две недели во киното Милениум. Проекциите ќе бидат од 20 и од 22 часот.
Филмот на Митевска на 2 септември имаше светска премиера на фестивалот во Венеција во програмата Хоризонти, играше и во Торонто и е годинашен македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм.
Како што соопшти продукцијата „Сестри и брат Митевски“, во ноември филмот ќе се прикаже на шест фестивали низ светот и започнува со подготовки за редовна дистрибуција во повеќе европски земји.
„Ноемвриската турнеја ја предводи ексклузивна проекција на Филмскиот фестивал во Солун, каде режисерката Теона С. Митевска ќе биде и дел од интернационалното жири“, вели продукцијата, додавајќи дека идната година ќе почне да игра на редовниот кинорепертоар. Од Солун, „Најсреќниот човек на светот“ продолжува во Филмскиот фестивал воЉубљана, Словенија од 9 до 20 ноември каде филмот ќе биде пропратен со панел предводен од режисерката посветен на пост-југословенската кинематографија.
Филмот ќе продолжи за Интернационалниот филмски фестивал во Арас, Франција кој започнува на 7 ноември и каде ќе биде прикажан во главната конкуренција. Дистрибуцијата во Франција е закажана за 22 февруари 2023. Во ноември филмот ќе биде прикажан и на Авторскиот филмски фестивал во Србија, како филм кој ќе го затвори фестивалот, а Митевска ќе го предводи интернационалното жири, по што веднаш следува Филмскиот фестивал во Атина и Интернационалниот филмски фестивал во Керала, Индија.
„Најсреќниот човек на светот“ е целосно на босански јазик и главнината на актерската екипа се босански и хрватски актери. Играат и Ана Костовска, Лабина Митевска, Николина Кујача како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева во епизодни улоги, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ. Во актерската екипа се и Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Кемал Ризвановиќ од БиХ.
Филмот е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска и најголем дел од екипата доаѓа од БиХ, вклучувајќи ја косценаристката Елма Татарагиќ, врз чија вистинска приказна е заснована приказната.