„Силјан“, третиот документарец на Тамара Котевска, кој на 29 август ќе има светска премиера вон конкуренција на Вeнецискиот филмски фестивал, ќе има северноамериканска премиера на фестивалот во Торонто на 6 септември во документарната селекција за награди. Во Венеција, филмот ќе има вкупно 4 проекции, по две на 29 август и на 30 август. Во Торонто следната проекција е на 11 септември.
Годинава во Венеција ќе има два македонски филма – покрај „Силјан“, играниот „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска на 27 август ќе ја отвори натпреварувачката програма „Хоризонти“. „Мајка“, првиот филм на Митевска на англиски јазик, ќе има проекции на 27 и 28 август.
Продукцијата на Котевска објави дека реномираната британска компанија „Догвуф“ ги откупи светските права за мeѓународна продажба на „Силјан“, што е нивна втора соработка со режисерката по успехот со „Медена земја“. „Догвуф“ е компанија за документарни филмови со седиште во Лондон која интегрира продукција, продажба и кинодистрибуција, со каталог од 37 документарци номинирани за Оскар од кои седум оскаровци. Меѓу нив и годинешниот оскаровец „Нема друга земја“, како и оскаровците „20 дена во Мариупол“, „Навални“ и „Фри соло“.
Документарецот „Силјан“ на Котевска е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк.
„Филм кој започна како страсен проект со самофинансирање повеќе од една година, се претвори во 3-годишно патување кое нè однесе овде! Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто“, вели Котевска.
Филмот е сниман 3 години и Котевска сама го има започнато од идеја до продукција. Таа е и режисерка и продуцентка на филмот во копродукција со американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, останати продуценти се Жан Дакар кој е и кинематографер на филмот, како и Јорданчо Петковски и Ана Хашми, а монтажер е Мартин Иванов. Во филмот нема учество од македонската Агенција за филм.
Котевска, која има 2 номинации за Оскар за документарецот „Медена земја“, на 80. Венециски фестивал во 2023 говореше на гала настанот „Светла! Камера! Влијание!“ (Lights Camera Impact) и го претстави својот втор документарец „Патување пеш“.
На почетокот на месецов во Македонија го заврши снимањето на нејзиниот прв игран филм „Човек против јато“.